Лондонските „сини“ се на добар пат да ѝ додадат блескавост на својата историја – можеби е само симболична најава, но деновиве во Премиер лигата го победија претстојниот им противник во финалето на Лигата на шампионите, Манчестер Сити. Патот им се отвори во јануари, со одличниот пресвртен потег кога го донесоа ‘избрканиот’ од ПСЖ, Томас Тухел, под чие водство Челзи уверливо издоминира против Реал Мадрид во полуфиналето на најпрестижниот европски клубски турнир.

Во вака вдахновено расположение лондонскиот клуб води кампања во која и со уметност сака да остави „белег како на терените, така и надвор од нив“.

Кампањата се вика „Челзи креира“ (Chelsea Creates) и ангажира/промовира некои од највозбудливите лондонски креативни таленти, кои осмислиле решенија за концептот во кој „сините“ сакаат да покажат зошто се Лондонска гордост и истовремено зошто и самите се горди на нивниот град.

Меѓу ангажираните уметници е Алва Ског од Шведска, со диплома од лондонски Централ Сент Мартинс. Како во кампањата на Apple „Зад Мек-от“ (Behind the Mac), Алва и овде употребува силни бои и преувеличени ликови – во случајов на играчите (Мејсон Маунт, Тами Абрахам, Кристијан Пулишиќ, Рис Џејмс) и на менаџерот на Челзи, Тухел, кои како џинови ‘ја газат’ препознатливата панорама на Лондон (како на насловната слика).

(од лево) Рис Џејмс, Томас Тухел, Мејсон Маунт, Тами Абрахам
Тами Абрахам

Во краткиот филм за кампањата Алва зборува за својата вљубеност во Лондон со неговата „прекрасна и грда архитектура“ и „стилска и креативна разноликост … што поттикнува да се биде ‘опенмајндед’“.

Уметницата, пак, Кели Ана, ‘остручена’ за моќни прикази на исто такви жени, креирала голем постер посветен на женскиот тим на Челзи; и тоа токму навреме за да биде поставен на Кингсмедоу (стадионот на фудбалерките на Челзи) во пресрет на освојувањето на женската Супер лига во оваа 2020/21 сезона. „Играта е сменета“, порачува Кели Ана, зашто сега и женскиот тим на Челзи е „Гордост на Лондон“, како што и стои на постерот.

Дел од „Челзи креира“ е и анимацијата сработена од Рид Вајлс, со играчот од средниот ред на „сините“, Мејсон Маунт, кој откако го испушта клубскиот автобус мора ‘да се трка’ со Лондон за навреме да стигне на натпревар …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here