Натпросечната примаменост од убавите мириси што му почнала со пубертетот, Владимир Арсовски – Кисел скапо ја платил со првата колекција која не знаел како стигнала дури до 111 парфеми веќе во втората негова средношколска година. Кога се преброил, сфатил дека пасијата воглавно му се изразувала низ купувањето, без потребното пребирање за соодветно уживање во мирисните креации.

„Веќе во основно, сакаш да имаш парфем по кој ќе те препознаваат, што ќе биде твој мирисен потпис, signature scent. Кој не сака да остави пријатен впечаток? Оттогаш ми почна страста, но тогаш се работеше за евтини парфемчиња, што ги користеа повозрасните во маалото – разни Davidoff, Sculpture, Gaultier … Цената на првиот Davidoff што си го купив прилично го изненади татко ми, но тогаш мислев дека тоа е тоа – имам парфем – и во горната смисла инвестицијата беше оправдана – добивав многу комплименти за тоа како мирисам. Не бев свесен дека постојат летни, есенски, зимски парфеми … Сега мислам дека на човек повеќе од 5 парфеми не му се потребни. Е, сега, што ова е моја пасија, тоа е друга работа … Во тоа време сфатив дека сум сериозно навлечен кога видов оти другите купуваа патики, гардероба, а јас парфеми. Едно време кога се преброив имав 111 парфеми. Од кои некои неначнати или одвај 2-3 пати пробани. Сфатив дека јас ги купувам, а не ги користам. Па, можеби и повеќе од половината ги продадов, а со парите што ги тргнав настрана за истата пасија, почнав да купувам многу поселективно, исклучиво квалитетни парфеми, со намера да ги користам. Ова ми се случуваше некаде во втора година средно.“

Со Владимир Арсовски – Кисел за парфемите зборувавме како за уметност. Што е музиката за ушите, сликата за очите … , парфемот е за носот. И ако за книжевноста е тавтологија да кажеме дека е дескриптивна; па следат ликовните уметности кои исто така располагаат со големи средства за описно изразување; кај музиката, на пример, без името на познатите концерти на Вивалди никако не би знаеле што раскажуваат „Четирите годишни времиња“.

А колку повеќе оваа недескриптивност важи за една парфемска композиција? Со слабата насока за ‘разбирање’ што ја дава – и тоа само понекогаш – името на парфемот?

Но, што ни беше тука интересно? Тоа што дури и кога би гледале видео снимка од некој наш, впечатлив настан од минатото, таа не може толку вистински и целосно да го врати времето како мирис што некогаш, и години подоцна, случајно ќе го ‘собереме’; и ќе сфатиме дека бил најуникатниот белег на настанот.

„Парфимерот Оливие Кресп вели дека најдолго му остануваат недопрени детските олфактивни (што се примаат со чувството за мирис) сеќавања. Многу парфимери креираат мириси за да се вратат во некој неповторлив момент од детството. Често се фаќам за парфем што сум го имал пред десет години за да ме врати во времето, да се чувствувам како тогаш“, вели Арсовски.

Омилени му се парфемите на Yves Saint Laurent, Bentley, Ferarri, Prada … Предупреди дека некој може да се потсмее кога ќе чуе парфемски ентузијаст да ги издвојува креациите на Ferrari. Но …

„Како на куќа, многу им верувам на Ferarri. Иако парфемите не им се фокус, квалитетот им е извонреден. Тој што се смета за познавач, а зборува со потсмев за парфемите на Ferrari – или не ги пробал или не е познавач.“

Меѓу креациите што му се на вечната листа се „Le male“ на Jean Paul Gaultier, „Cool Water“ на Davidoff („Помладите ми викаат: Мирисаш на татко ми“); „L’Homme“ и „La Nuit de l’Homme“ на Yves Saint Laurent …

За најдобар нос – мајстор парфимер, Арсовски го смета Шпанецот Алберто Мориљас („Најпозната креација му е „Acqua di Gio“, меѓу најпродаваните машки парфеми на сите времиња“).

„Ги сакам и италијанските парфеми и парфимери – веднаш можам да ги препознаам – познати се по летните креации … Ги сакам Dolce & Gabbana, Bulgari – нема Bulgari без висок квалитет, а цената им е пристојна … Тука е и Profumum Roma. Ги сакам парфемите на Mancera, ниш (niche) француската куќа. Потоа Amouage, претставниците на арапската парфемска уметност. Од азиските Issey Miyake, Kenzo … кои често лансираат парфеми … што е невозможно за, на пример, Dior … Но, ним им се посреќува.“

Совет од Арсовски што неколкупати го повтори е пред да се купи парфем да се проба неколку пати. Со ставање на кожа, а не на ‘картонче’.

„Зависи кај кого како и колку проектира одреден парфем. Личните предиспозиции на кожата бараат лични парфеми.“

‘Фрагменти’ од колекцијата на Арсовски

Овде одново поконкретно се вративме на темата мирисна уметност. Дека парфемот истовремено им припаѓа и на статичните (во однос на времето) уметности – сликарството, на пример; и на временските, како музиката. Зашто кога ќе го мириснеш по нанесувањето – тоа е тоа – статично – пирамидата на мајсторот парфимер стои цврсто. Но, потоа, со ‘распаѓањето’ или ветреењето, почнува темпоралната димензија на парфемот.

„Тогаш почнуваат да се откриваат, по горните ноти, и средните, па долните или базичните во пирамидата. И тоа е најголемиот трик кај парфемите. Затоа треба неколкупати да го испробаш пред да го купиш. Како што кажав, тоа малку подоцна го сфатив. Искуството прави да не ти влијае рекламата. Не ми влијае веќе ‘хајпот’. Гледам кој парфем стварно ми се допаѓа. Сега сакам тоа што ќе го купам да го употребам, да ми прави задоволство. Има ситуации, кога сум сам, да си ставам парфем по чувство … слушам одредена музика која бара – ѝ одговара одреден парфем.“

За крај, како неграмотни за парфеми, сметавме дека полесно ќе се ориентираме во однос на вкусот, чувството за мирис на Владимир Арсовски – Кисел, ако можеме да го поставиме во паралела со неговата ‘конвенционална’ културна лектира (водејќи се од претпоставката дека ако некој ја слуша Северина, меѓу омилените писатели сигурно нема да му биде Уисманс ; ).

Испадна дека нашиот соговорник е колекционер и на стрипови; особено на „Алан Форд“ („Имам и неотворени броеви што ги чувам за моменти на посебен раат“), а ‘поминал’ речиси сѐ што стрип издавачите од поранешна Југославија објавувале во поголеми тиражи. Сака инди филмови, како и режирани од Зек Снајдер („Стрип фанатикот чија 4-саатна „Лига на правдата“ деновиве ја одгледав“); го обожува и Тарантино. А слуша „во некоја амплитуда“ од Битлси до Колдплеј; вклучително и Боб Марли, Квин, Стинг, Нирвана, Прл Џем …

Владимир Арсовски – Кисел е активен и во Македонскиот парфемски клуб, чии членови и покрај здравствената криза се среќаваат („За да си размениме по 5 милилитри од некои парфеми што еден ги има, а друг сака да ги проба – и обратно“).

Пандемијата, нормално, ги запрела помасовните средби на клубот.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here