Во здравственава криза многумина чие работно место дозволува, работат или работеле (кога беше построго) од дома. Вчерашната театарска премиера – „Енциклопедија на мртвите: по лавиринтите на Данило Киш“ во режија на Срѓан Јаниќијевиќ – покажа дека и театар ‘од дома’ може да се прави и овде. А кога ја добив поканата за онлајн присуство, помислив дека ‘во живо’ ќе значи YouTube-пренос од театарска сцена.

Но, Јаниќијевиќ и екипата приредија нешто што повеќе наликуваше на филм, со тоа што сосем беа исполнети условите за да биде театар: и публиката и актерите беа во живо, а дури и специфичната одлика на театарот – глумците да можат да ја видат реакцијата на гледачите во ‘реално време’ – беше задоволена – со коментари на YouTube.

Логистичкиот предизвик може да се замисли – речиси сѐ што видовме беше одиграно во живо, од различни локации (Скопје, Куманово, возило на отворен пат …) … со верба во квалитетот на интернет врската. Звучи прилично ризично за реализација, но сѐ помина мазно, барем во очите на публиката. Благодарение и на пробите почнати од ноември лани.

Јаниќијевиќ очигледно успеал да ги види ограничувањата/принудата (што ја подразбира поставувањето претстава во време на Ковид-19) како ослободување, отворање за еден нов пристап (барем на овие простори), кој нуди палета можности и за кога ќе се вратиме на ‘старата нормалност’.

‘скриншот’ од претставата (1)

Екипата со која ја сработил претставата се снашла и во премостувањето на ‘неприлагодливоста’ на Киш (не само поради тоа што „Енциклопедијaта на мртвите“ не е драмски текст). Делото на големиот југословенски книжевник е искористено како јак фон – актерите ја воочиле неговата податливост за влечење паралели од денешницата, во однос на човечкиот материјал со кој Киш се занимавал пред четириесетина години – и даваат свои интерпретации на приказните од „Енциклопедијата“, реферирајќи на истите додека скиснуваат под жештината на рефлекторите за кои се тепаме (ако ги бараме) во нашите животи на интернет платформите.

„Секогаш треба да се искористи духот на времето … Без да се плашиме да влеземе на непознат терен. Оваа претстава е доказ дека кога се впушташ низ неразгазено, барем за локален поим; и ако потфрлиш на некој начин, ќе загинеш храбро; а ако успееш, ефектот е екстра. Успешен експеримент, во светот веќе испробан. Не се сеќавам на претстава за која сме имале попозитивни реакции“, ги сумираше впечатоците по премиерата актерот Ивица Димитријевиќ.

Покрај него во претставата играат Слаѓана Вујошевиќ, Владимир Петровиќ, Долорес Поповиќ, Жарко Јовановиќ и Александар Прокопиев. Драматург е Ивана Нелковска, кореограф Александра Кочовска Начева, а режисерот Јаниќијевиќ ја потпишува и музиката.

„Енциклопедија на мртвите: по лавиринтите на Данило Киш“ е проект поддржан од СПОНА – културно-информативниот центар на Србите во Македонија.

‘скриншот’ од претставата (2)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here