Минатото лето, неидентификувана личност пребарувајќи предмети изложени на влезот на депонија во канадската покраина Онтарио, со чие купување се донирало за добротворни цели, си купила слика, портрет, за која платила 5 канадски долари. Личноста не била дојдена со намера да купува уметност, но делото ѝ оставило неодолив впечаток; уште пред да го види натписот на задната страна од платното. Сега овој портрет, во меѓувреме припишан на Дејвид Боуви, е понуден на аукција и веројатно ќе се продаде за барем над 100.000 долари.

Процесот што довел до аукцијата почнал откако анонимната сопственичка која сликата ја купила ‘за беспари’, си истражила на интернет што всушност има, па охрабрена од резултатите ја контактирала канадската аукциска куќа Cowley Abbott.

„На задната страна од делото има натпис што сосема јасно го идентификува“, велат од аукциската куќа која сепак му се јавила на Анди Питерс, остручен за препознавање на ракописот и ликовните дела на Дејвид Боуви. Односниот одговорил дека штом го видел, веднаш знаел оти делото е автентично.

DHead XLVI (1997)
DHead XLVI (задна страна)

А од Cowley Abbott уште претходно забележале дека сликата е прилично слична со многуте помали портрети кои Боуви ги сликал во средината на деведесеттите (од 1995 до 1997). Препознаено како дел од серијата на Боуви наречена „Мртви глави“ (Dead Heads или D Head), делото насликано во 1997 година е понудено за наддавање на аукција на Cowley Abbott до 24 јуни. Првичните очекувања биле дека ќе се продаде за сума меѓу 9.000 и 12.000 канадски долари, но највисоката моментална понуда (во моментот на пишување на овој текст) е веќе 75.100 долари.

За серијата портрети на која ѝ припаѓа платното со димензии 25 х 20 сантиметри, на музичарот му позирале членови на неговиот бенд, пријатели и познаници, а насликал и неколку автопортрети.

Иако нема потреба да се споменува – имајќи го предвид префинетиот ‘пропратен’ визуелен израз на неговата музичка кариера – Боуви учел уметничко школо; така што, како професионален ликовен уметник низ животот изложувал слики, скулптури, графики.

Овде, пред галеријата негови ликовни дела, прикладно ќе наведеме и цитат од Боуви, кој вели: „Ако потекнете од уметност, секогаш ќе бидете уметност.“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here