Создава облека во која со мирна совест можат да уживаат додека ја носат и најголемите, најажурираните културно-интелектуални ‘пуританци’. Со јасно естетско педигре од најфиното во историјата на културата, изработена од природни материјали, со минимум или без никаков отпад во производствениот процес … Прочитајте го интервјуто со Драган Христов, дизајнерот на „Лудус“ …


Ќе се сложиш ли дека за разлика од луѓето кои со облеката се обидуваат да надоместат за празнините ‘внатре’ (а тоа нивните ‘модни’ избори го прават видливо ‘од авион ’), твоите дизајни се извесен сертификат за богатиот внатрешен живот на оној што ги носи?

Секако дека ќе се сложам и благодарам за комплиментот. Клиентите и поддржувачите на „Лудус“ се лица што се противат на површинската мода, на „брзата“ мода и несовесното консумирање. Иако не можам да тврдам за нивниот внатрешен живот, ставот за моите дизајни и воопшто за модата е дека таа треба да биде надополнување на личниот карактер на оној што ја носи. Тоа го вели и Вим Вендерс во легендарниот документарец за Јоши Јамамото, кога самиот Вендерс за прв пат пробува облека од Јамамото, па вели дека во неа се чувствува повеќе самиот тој. Точно од овие мотиви можеби и започнав со модата пред 15 години, а најмногу затоа што облеката може да отсликува нечиј карактер веднаш и непосредно; облеката комуницира, искажува ставови, негира итн. Ако водите површински живот и немате интересен карактер ниту една облека не може да го затскрие тој факт.

Нема машка и женска слика, филм, книга, музика, архитектура … ? Сметаш дека не треба да има машка и женска мода, барем кога истата е уметност?

Западното општество, па и нашето, ако го дефинираме како стремеж кон западно уредување и менталитет, е прилично родово предодредено, односно родовите улоги се одамна дефинирани и во име на цивилизациска традиција се пренесуваат без некоја значајна модификација. Оттаму западната уметност е исто така машка и женска, особено ако го земеме бројот на уметници, архитекти, режисери, композитори – мажи наспрема жени низ историјата, па дури и денес.

Мојот аргумент во врска со родовите одредби во уметноста е јасен, особено ако ги погледнете последните колекции на „Лудус“. Мене ми е предизвик да создавам облека на границите помеѓу машка и женска, да ги преиспитувам и критикувам поимите за машкост и женственост, да понудам конструктивни и практични решенија за клиенти што не можат лесно да најдат облека во воспоставените оддели за машка или женска облека. Не сметам дека мојата облека е уметност, модата е комерцијална дејност. Моите студии по современа уметност на Ликовната академија „Брера“ во Милано ме насочија дека моето изразно средство е модата, а не уметноста, но исто така ми покажаа дека можам сам да истрасирам нова патека и да создадам успешен бренд што повеќе припаѓа во музеите и уметничките галерии и притоа да го користам јазикот и изразните средства од сферата на уметностите. На тој начин започнав да создавам безродова мода, затоа што сметав дека тоа е многу блиску до мојата лична култура и моите сфаќања. Во мојата свест не постојат ограничувања по однос на родот, тие се одамна надминати и секоја нова колекција сѐ повеќе ја отсликува мојата внатрешна идеологија, каде категориите машка и женска мода не постојат.

(фотографиите се од последните колекции на „Лудус“)

Велиш дека дизајнот на твоите колекции работи на емотивен погон, често подразбирајќи меланхолија и тага. Што е сосем соодветно на интелектуалниот карактер на „Лудус“. Каде е жариштето на твојата тага и меланхолија?

Не сметам дека во мене постои жариште на тага и меланхолија од што би се инспирирал за создавање, туку оти во основа е прифаќањето дека творам од лични идеи, ставови и сфаќања. Неодамна работев на проект за Форумот на словенски култури од Љубљана на современа колекција инспирирана од словенската култура и наследство. Колекцијата беше базирана на словенската митологија и односот на Старите Словени со природата, нешто што лично го негувам во себе незнаејќи дека е сепак моја лична словенска традиција. Овој проект ми помогна да се осознаам себе си повеќе како автор и како личност и едно од сознанијата беше дека е инхерентно словенско, балканско и македонско чувството на тага и меланхолија. Ако го земеме предвид локалниот мелос, изворната музика – таа е исто така меланхолична и тоа еден од главните белези на уметноста што произлегува од оваа територија.

Какви се скопјани како ‘модни суштества’? До каде сме со разбивањето на заблудата дека модата е помодност?

Јас живеам и работам со тим на млади креативни луѓе, модни ентузијасти со кои ги делиме истите погледи на модата, а тоа се дека модата е авангардна и е наменета за лица што ја разбираат и кои со себе носат богат културен багаж и комплексен и ексцентричен карактер. Оттаму, можеби не би требало овие мои ставови да ги барам на скопските улици, никогаш не сум бил заинтересиран за модата како помодност или искажување на социјален статус и престиж. Овој мој круг на луѓе заедно со клиентите кои го поддржуваат „Лудус“ ме тера да мислам позитивно за скопјаните.

Најсилни влијанија во формирањето на твојот креативно-естетски светоглед? Во смисла на автори и дела, од сите уметности?

Најголемо влијание на мојата работа имаат музиката и филмот. Слушам музика и гледам филмови што се внимателно избрани, но подеднaкво сакам да слушам и хитови на радио додека работам или да гледам „реалити“ ТВ. Во последно време гледам независни хорор филмови и мислам дека овој жанр има влијание на мојата работа. Ја следам и современата уметност и особено ми е интересна Ан Имхоф (Anne Imhof), а ги слушам Douglas Dare, Murcof, Nils Frahm, Altın Gün, Shygirl …

Што од светската културна сцена ти привлекува внимание во последно време?

Во последно време правам позначајно истражување за лиминалните простори и места и планирам следната колекција да ја базирам на овие теми – архитектурата, „не-местата“, супермодернизмот, „џанк“ местата, работата на Бас Принсен (Bas Princen).

Ме интересира сѐ повеќе текстилната уметност, различните текстилни техники од Блискиот Исток како и „fiber art“ движењето. Од друга страна ме интересираат и новите технологии и нивната примена во уметноста како креативното кодирање, виртуелната уметност, 3Д моделирање во модниот дизајн итн.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here