Британските доајени на хеви металот, Ајрон Мејден (Iron Maiden), и тоа како имаат уште многу што да кажат. А за достојно да ја раскажат својата нова голема приказна – потпишана од нивниот фронтмен Брус Дикинсон (Bruce Dickinson), ангажирале водечки луѓе од индустријата за анимација, кои сработиле филм што служи како спот за новата песна на Мејден, „Пишување на ѕидот“ (The Writing On The Wall).

Режијата е на долгогодишниот фан на бендот, Никос Ливси (Nicos Livesey), продукцијата на лондонското студио за анимација Blinkink, а креативен директор е ветеранот меѓу уметниците на Pixar, Марк Ендрјус (Mark Andrews).

Името на песната/филмот е земено од библиската Книга на пророкот Даниил – конкретно од петтата глава, Валтазаровата гозба (за подобро разбирање на спотот накратко ќе ја раскажеме споменатата петта глава: Вавилонскиот цар Валтазар приредил голема гозба за својата свита/елита, па мислејќи дека е толку моќен што може да му пркоси и на Бога, земал да пие вино во чест на лажните богови/идоли, и тоа од свештените садови што татко му, Навуходоносор, ги донел од Ерусалимскиот храм. Тогаш се појавиле прсти од човечка рака, кои нешто пишувале на ѕидот од салата на царскиот дворец каде што се одржувала гозбата. Царот се преплашил, и откако никој не можел да го разбере значењето на напишаното, го повикал пророкот Даниил, кој прочитал дека пишува: Мани, Такел, Фарес; а со значење: Мани – го измери Бог царството твое и му стави крај, Текел – измерен си на кантар и си многу лесен; и Фарес – царството ти е разделено и дадено на Мидијанците и Персијците. Истата вечер Валтазар бил убиен).

Дикинсон, користејќи ја Валтазаровата гозба како метафора, мешајќи ја и со Адам и Ева и четирите јавачи на Апокалипсата, ја толкува (или пророкува) денешната ситуација во светот.

„Сето е завиткано во многу пораки за алчноста и уништувањето на планетата; со оние 1% од светската популација, кои се на врвот и седат во нивните блескави дворци, оставајќи ги сите други да скапуваат на планетата која умира. Замислено е да ни ја стави пред нос моменталната ситуација на планетата“, е изјава на режисерот Никос Ливси.

Креативниот директор Марк Ендрјус пак објаснува дека екипата која работела на спотот била под силно влијание на ‘кавер артот’ на албумите на Ајрон Мејден, барајќи „изразено графички, скоро стриповски шмек“. Додава дека голема улога при дизајнирањето на ликовите одиграл самиот Брус Дикинсон, „особено кај пророкот Даниил и четирите јавачи, кои се целосно на Брус“.

Маскотата на бендот, Еди (Eddie), овде доживува нова инкарнација, а за да се нагласи моментот, само таа е изведена во 3Д.

Има многу што да се раскажува од анимираниот филм за „Пишувањето на ѕидот“, но подобро е да го видите самите …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here