Денот на бавната уметност (Slow Art Day) се одбележува од 2010 година за да ги потсетува луѓето дека не е важно во што гледаат, туку што ќе видат; во случајов во едно уметничко дело. За целта, јасно, се поттикнува подолго задржување, за искусување на вредното парче уметност.

Е сега, тим на истражувачи со проект во Болоња, нашол подиректен начин да го зголеми квалитетното време што посетителите на музеи и галерии го поминуваат спроти изложените дела.

Станува збор за тим кој соработува со ENEA (италијанската Национална агенција за нови технологии, енергетика и одржлив економски развој) и со Болоњската музејска установа (Istituzione Bologna Musei), така што во културни институции од градот инсталирал 14 малечки камери кои користат вештачка интелигенција за да ги анализираат изразите на лицата и говорот на телата на посетителите.

Собраните податоци од инсталираната опрема се испраќаат на сервер и се анализираат за да се добие материјал што ќе се искористи и за подобрување на корисничкото искуство на гостите во институциите.

Системот бележи колку долго посетителите го гледаат секое од делата; кои патеки ги избираат за да се движат низ галерискиот простор; кој дел од одредено платно, на пример, особено им го привлекува погледот; а собираат и други показатели кои заедно го прават она што истражувачите го нарекуваат „привлечна вредност“ на уметноста.

Уредите што се користат за проектот не ја загрозуваат приватноста на посетителите, а добиените податоци се планира конкретно да се искористат за да се одреди подобро место за одредени дела во некоја галерија, подобро осветлување или височина на која ќе бидат изложени/закачени, подобар вкупен распоред за да се добие оптимален однос меѓу делата од поставката.

Проектот наречен „СподелиУметност“ (ShareArt) стартувал во јули годинава, кога ограничувањата поради здравствената криза беа укинати, односно одново беа отворени многу од музеите во Италија.

Од тимот на проектот порачуваат дека системот може да се користи и за да се контролира носењето на маски во културните институции. Во видео споделено на YouTube каналот на ENEA може да се види како сензорот веднаш реагира на симнувањето, односно ставањето на маската од страна на ‘тестниот субјект’. Синото светло на односниот уред се претвора во црвено и кога посетител премногу ќе се приближи до некое дело.

„Постојат прашања кои одекнуваат меѓу музејските ѕидови. Кога зборуваме за почит кон уметноста? Кои се варијаблите што можат да влијаат на истата? Традиционалните одговори не се доволни“, се зборови на претседателот на Болоњската музејска установа, Роберто Гранди.

А досегашните резултати од проектот покажуваат дека посетителите на болоњските галерии воглавно доаѓаат индивидуално (не во пар или во група) и коректно – со покриени и уста и нос – носат маски. Како да знаат дека ‘се снимани’, на поединечните дела им посветуваат нешто помалку од 15 секунди внимание, што е раст од десетина секунди, зашто претходно разгледувањето на едно дело траело меѓу 4 и 5 шеесетти делови од минутата.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here