Итноста од запирањето на уништувањето на планетата ги наметнува (и) инсектите како решение за проблемот со исхранувањето на сѐ понаселениот свет. Факт – ‘табуизиран’ на Западот – е дека речиси сите инсекти се погодни за јадење, а имаат повеќе железо од спанаќот, повеќе калциум од млекото, двојно повеќе протеини од говедското месо, многу подобар извор се на омега-3 масни киселини од лососот … И, што е особено, еколошки важно, производниот циклус на исхраната базирана на инсекти има многу помало негативно влијание врз животната средина во споредба со одгледувањето животни за месната индустрија: бара помалку простор, помалку хемикалии; инсектите многу побрзо (и поефикасно во однос на вложеното во храна и вода за нив) растат и се размножуваат; а сето ова прави да оставаат значајно помал јаглероден отпечаток; односно да има помали емисии на стакленички гасови.

Во ваков амбиент, на еко-свесност и очекување дека инвестирањето во позитивниот тренд на одгледување инсекти како храна ќе се исплати, режисерот Жаст Филипо (Just Philippot) ја сместил идејата на писателот Жером Женевре (Jérôme Genevray) за филмот „Ројот“ од 2020 година (оригинално на француски се вика „La nuée“, а Netflix го дистрибуира како „The Swarm“).

Конкретното место на настаните е рурална Франција, каде самохрана мајка, фармерка, живее со своите две деца; на кои, одгледувајќи инсекти, конкретно скакулци, се мачи да им овозможи пристоен живот.

Главниот момент во филмот, што ќе го премолчиме за да не ‘спојлираме’, е како оваа класична социјална драма се претвора во хорор, и тоа жанровски; односно како од ова оптимистичко и напредно гледање на нештата се доаѓа до развој на настаните што потсетува на дел од Откровението на Свети Јован Богослов: каде на крајот на светот се појавуваат скакулци кои не ѝ штетат на тревата, на дрвата, воопшто не на зеленилото, туку …

„А шумот од нивните крилја е како шум на коли со многу коњи, кога трчаат во војна.“ (Откр. 9, 9)

„’The Swarm’ е исто така политички, не само фикција или жанровски филм (…) Сакав да избегнам CGI (компјутерски генерирани слики), но можев да добијам само 6.000 скакулци (…) Мајката е жена која прави сѐ за своите деца, но нема друга опција; и иако не би повредила ниту мува, ќе создаде нов Чернобил без воопшто да сфати што се случува“ – вели режисерот Жаст Филипо за порталот Cineuropa, а парчињата од интервјуото со него ги наведовме за да ве домотивираме да го одгледате одличниот филм (и покрај ризикот да се покажат како благи спојлери).

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here