Она што ние го забележуваме од уметноста на Калина Брајковска е дека уметницата живее силно, зашто силно доживува; така непрестајно додавајќи на изобилието искуства и останати појавности кои ги впива без остаток; а знае и без отстапување да ги пренесе на своите платна.

Дека впечатоците ни биле точни, Калина ни потврди со одговорите од интервјуто што следи . . .

Сликите ти се ведри, оптимистички, отсликуваат радост на живеењето; иако често се изразуваш во стилот на уметниците кои сликајќи се ослободувале од своите тегобности. Не успева ли да се пробие до твојата уметност и она што те тревожи, свесно избираш да го нема таму или такво нешто не постои во твојот живот? Или, пак, ние не сме успеале да го забележиме?

О, и тоа како се ослободувам од своите тегобности, дури одам до степен каде умирам и повторно се раѓам. Веќе ми е познат и пријатен процесот, иако во почетоците не беше баш лесно да се умре 🙂 Моите ликови сами бираат светови во кои ќе живеат, а јас само ги посетувам. Целата слобода која ми е потребна мене им ја давам ним. Така сме најсреќни.

Да се надоврземе на претходно прашање: со силните бои веројатно немаш намера да го ‘шминкаш’ животот/светот, туку таков е интензитетот на твоите доживувања?

Сакам луѓе кои силно го доживуваат животот, колку да е тежок или лесен. Тоа се моите луѓе! Тие се во силни бои за да можат да ги видат и забележат и останатите, да ги охрабрат да бидат свои и автентични, да светат во полн сјај со сите нивни мани и доблести, со сиот човечки багаж, да го покажуваат патот и најважно да ја покажат раскошноста на ослободувањето.

Ги сакам луѓето ги сакам и боите – толку многу прекрасни светови.

Ќе оставам тука еден стих од моја омилена млада авторка кој најдобро ќе го прикаже тоа: ,„На сите нас ни е кожата виолетова, само не сме се убиле доволно за да се види“ – Валентина Бактијаревиќ.

Продаваш повеќе во странство отколку овде. Се чувствуваш ли и повреднувана надвор отколку дома?

Сакам кога се осеќам разбрано и тоа го имам и овде и во странство … имам прекрасна публика, им благодарам.

Опиши ни идеален амбиент за искусување на твојата уметност; во смисла на место, време, музички фон …?

За истово можам да напишам и роман 🙂 ќе пробам со збор … нека биде – Љубов.

Кои автори – ликовни уметници, писатели, режисери, музичари … – ти будат особено љубопитство периодов, а кои ти се на вечната листа, со најголемо влијание врз твојот креативен светоглед?

Еве некои млади врвови: Robert Nava, Chow Ciao Chow, Irina Maksimova, Tracey Emin …

Evergreen: Lyle Carbajal, Jean Michel Basquiat, Jean Dubuffet; аrt-brut – John McKie; raw art – Matt Sesow …


Следи галерија слики на Калина Брајковска. Уживајте …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here