Што вреди повеќе: оригинално уметничко дело кое постои физички, на хартија, или истото претворено во дигитален уникат, односно NFT (незаменлив токен – non-fungible token), што се продава по иста цена како својот хартиен пандан? Важен ли е медиумот во случајов; или, ако сакате, материјалот: хартијата визави парче код? Значи ли истата ценовна вредност и иста вредност воопшто?

Ова се дел од прашањата што ги поставува уметникот чие име е синоним за современа уметност, Дејмиен Хрст, со својот нов проект, лансиран во јули, „The Currency” (Валутата), а за кој вчера беа соопштени првите официјални резултати.

Проектот вклучува 10.000 уникатни рачно сликани дела на хартија, со познатите точки на Хрст, а секое од нив е спарено со свој NFT – незаменлив токен.

Сите овие физичко-дигитални хибриди им се достапни на колекционери по исклучително ниска почетна цена за скапиот Хрст – од 2.000 долари; но, ‘цаката’ е во особената одредба на проектот „The Currency” (за споредба – во ценовно поволната година за Хрст, 2007, негово дело на хартија се продаде за над 390.000 долари).

Одредбата е дека купувачите имаат една година да одлучат дали сакаат да го поседуваат незаменливиот токен; што ако биде одговорено потврдно, значи оти спареното физичко дело Хрст церемонијално ќе го изгори. Или можат да ја задржат хартиената варијанта, со тоа што ќе треба да се откажат од делото базирано на блокчеин.

„Би требало да е ист проблем дали ќе изгориш хартија или NFT со истата вредност, но мени ми е потешко да ја изгорам хартијата“, вели Дејмиен Хрст, кој тврди дека никогаш не ги разбирал парите – „иако се нешто што е основно, секојдневно … но, сепак парите, трговијата, ми се чинат некако нестварни, етерични“.

Отприлика, физичките дела од „The Currency” тој ги доживува како банкноти, а незаменливите токени како некоја сума што ја имате на кредитна картичка или – уште поилустративно – во вашиот криптовалутен паричник.

Горе: дело од „The Currency”: „Ours is the tale of the Shire“, 240.000 долари (предна и задна страна)

Како и да е, вчера, речиси два месеци по лансирањето на проектот, стигна објава дека продажбата на делата веќе достигнала вредност од над 25 милиони долари.

Според соопштението од компанијата специјализирана за анализа на податоци поврзани со пазарот на уметност, а со која партнерува Хрст, во последните 24 часа се продале 14 дела од „The Currency” за вкупна сума од скоро 400.000 долари. Досега најскапо продаденото дело се вика „Yes“, а е продадено за 120.614 долари. Разликата во цените на поединечните дела ја одредуваат алгоритми, по принцип на раритетност; анализирајќи ја густината на Хрстовите познати точки; потоа употребените бои или имињата на делата, кои, патем речено, се позајмени од омилените песни на Дејмиен Хрст.

„The Currency” е уметничко дело и секој купувач учествува во него. Значи не се работи само за поседување на делото. Ова е највозбудливиот проект на кој досега сум работел“, заклучува уметникот.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here