Шпанскиот огранок на Гугенхајм, сместен во Билбао, во јуни лансираше краудфандинг кампања за собирање 100.000 евра потребни за реновирање на цветната склуптура поставена на влезот на музејот, а имено познатото „Кученце“ (Puppy) на Џеф Кунс (уметникот со најскапо продадено дело меѓу живите уметници – „Зајак“ (Rabbit) – кое во мај 2019 се продаде за 91,1 милиони долари).

Но, кампањата не ги дала очекуваните резултати – досега се собрани одвај 28% од бараната сума (28.226 евра); па музејот одлучил со ‘низок удар’ да ја појача, да стигне до што поширока целна група, а имено со медиокритетско рап песниче/спотче, именувано „P.U.P.P.Y.“:

“It’s the ‘P’ with the ‘U’ with the ‘P’ with the ‘P’ with the ‘Y.’ So please don’t kill my vibe …”, порачува во рефренот раперот M.C. Gransan, роден во Билбао; со „креативност“ која наполно се коси со ‘позадината’ на спотот, што е Музејот Гугенхајм проектиран од големиот Френк Гери, а слободно може да се нарече перјаница на неговиот опус.

Што се однесува до скулптурата „Puppy“ на Џеф Кунс; таа, во димензии 1240 x 1240 x 820 cm претставува западношкотски бел териер (West Highland White Terrier – каков што е нашиот, скопскиот Ogi The Champ); а, како што вели директорот на шпанскиот Гугенхајм, Хуан Игнасио Видарте, од поставувањето во 1997 „се претворила во икона на Билбао“.

Надворешноста на носечката структура на скулптурата ја обложуваат десетици илјади растенија, вклучително бегонии, невени, петунии … , напојувани од сложен систем за наводнување сместен внатре, а проблемот е што по речиси две и пол децении ‘експлоатација’ се јавила потреба од замена на некои од цевките на системот, како и на делови од челичната обвивка на делото. Превентивните реставраторски зафати, што ќе му овозможат на „Кученцето“ ‘прописно’ да се напие вода, се планирани за месецов.

Во интервју за Гугенхајм, Кунс објаснува дека инспирацијата за „Puppy“ ја добил при посети на европски барокни катедрали, односно „од начинот на кој таму е постигната рамнотежа меѓу симетричното и асиметричното – меѓу вечното и минливото“.

А сега ќе видиме и како потенцијалните донатори ќе го оценат балансот меѓу спотчето на M.C. Gransan и, на пример, музејскиот објект на Френк Гери.

Но, во случајов не треба да се суди строго; зашто, како што пишуваат од музејот за скулптурата на Кунс: истата „го користи најслаткото од иконографијата – цвеќињата и кученцата – и претставува споменик на сентименталноста“.

„Puppy“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here