Во Музејот на современата уметност во Чикаго (MCA) трае изложбата „Чикашките стрипови: од 1960-тите до денес“, која се осврнува на стрип историјата на градот во кој оваа уметност не само што со децении обилно се создава и објавува, туку била и иновирана.

Една од главните ѕвезди на изложбата е стрип маестрото Крис Вер (Chris Ware), кој работи во Чикаго, а по повод изложбата потсетуваме на многу инспиративното (и едукативно, особено за стрипаџиите) негово интервју за „Art21“, снимено како дел од осмата сезона на серијата „Уметноста во дваесет и првиот век“.

Крис Вер (познат по графичките новели „Градење приказни“ и „Џими Кориган, најпаметното дете на светот“, како и по насловните страници што ги има сработено за „Њујоркер“ (The New Yorker)), во едукативниот дел, на пример, објаснува како за една стрип страница/табла која се чита за околу 15 секунди тој троши целонеделно работно време (од седмица со пет работни дена) да ја произведе, односно 40 часа.

Раскажува и како почнал да црта стрипови, на што го натерала нужноста од ‘опстанок’ покрај деца чии критериуми за популарност не ги исполнувал:

„Не бев баш најспортското или најпопуларното дете, па мислам дека почнав да цртам стрипови зашто тоа беше начинот истовремено да се дефинирам себеси и да исчезнам во себе меѓу моите врсници, за да се заштитам од нив. Да избегнам тепачки и слични ситуации.“

Во контекстот Крис Вер му оддава признание на Чарлс Шулц кој со својот лик Чарли Браун „го создал моментот кога стрипот станал медиум и на емоционална врска со читателите“:

„Чарли Браун е првиот стрип лик за кој навистина чувствуваш нешто. Тој е првиот емпатичен лик. Фактот што Чарлс Шулц успеал да ја вгради таа емпатија и чувството на поврзаност со ликот ѝ овозможи на мојата генерација да се обиде да пишува приказни за вистинските човечки чувства, за разлика од стриповите со супер херои со кои пораснавме.“

Зашто, според Крис Вер, „вистинскиот процес што го подразбира стрипот не се слики придружени со текст, туку психолошки процес на читање на сликите. Тоа е систем од симболи“:

„Извесно време сосем престанав да користам текст во моите стрипови. Повеќе раскажував што се случило отколку што предизвикував нешто да се случи. Станав поусогласен со внатрешните ритми и звуците што се создаваат во умот кога некој ‘чита’ само слики. Тука има извесен вид чудна, невидлива, безвучна музика, која се создава при читањето.“

Од „Градење приказни“ (Building Stories)

Овој денес неприкосновен мајстор на деветтата уметност не очекувал дека некогаш ќе може да живее од правењето стрипови. А во интервјуто кое можете да го погледнете овде со горда неверица зборува за соработката со „Њујоркер“:

„Секако не можам да се преправам дека не е многу среќна околност тоа што повремено ги креирам насловните на ‘Њујоркер’. Всушност, често и си помислувам: Не можам да поверувам дека ова се случува! ‘Њујоркер’ е единственото периодично издание во Америка, ако не и во светот, кое ги почитува неговите уметници како уметници. Таму не ти кажуваат што да направиш освен ако самиот не побараш да те упатат. Треба само да се погрижиш насловот на магазинот да го ставиш на твоето дело.“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here