Канадскиот новинар Кен Зајлиг во неколку наврати во 1969-1970 го интервјуирал Џон Ленон и снимил 91-минутен материјал од многу интересна фаза на најхаризматичниот ‘Битлс’. Зајлиг починал во 1990, а дотогаш одвај 5 минути од овие интервјуа биле пуштени во јавност (на американско радио). Лентите со целиот материјал неодамна ги пронашле децата на новинарот; и сега ги продаваат на аукција што ќе се одржи на 28 септември, по цена меѓу 20.000 и 30.000 фунти (според проценката на аукциската куќа „Omega Auctions“).

Ленон, очигледно ‘променет’ (и) во врската со Јоко Оно, во интервјуата зборува за љубовта – особено кон сопругата, за омилените песни на ‘Битлсите’, за Орденот на Британската Империја што го примил, па го вратил …

Според информациите на британски „Гардијан“, на прашањето за најдобрите песни на ливерпулската четворка, Џон Ленон вели: „Имам предрасуди, ги сакам моите (песни). Ми се допаѓа „Revolution 9“ (звучниот експеримент со кој кулминира албумот „The Beatles“, познат како „Белиот албум“). Поттикнат да наведе повеќе, Ленон ги издвојува „I Am the Walrus“, „Strawberry Fields Forever“, „A Day in the Life“ и „Rain“.

Говорејќи за влијанието што на ‘Битлсите’ го имале Карлхајнц Штокхаузен и Џон Кејџ, тој се труди да го намали ‘доживувањето’ на публиката која групата ја смета за највлијателна на сите времиња.

„Луѓето велат дека ‘Битлси’ создадоа целосно нов начин на живот и на мислење. Па, не создадовме, само бевме дел од тоа. Ако во океанот имаше голем бран кој го претставуваше тоа движење, ние бевме на челната линија на бранот. Но, не бевме самото движење.“

За Јоко Оно изјавува дека „го рекултивирала изворниот Џон Ленон“, „кој беше изгубен во случајот ‘Битлси’, во светските работи и сето тоа. Ме нaправи јас.“ Во интервујто посакува да умре истата минута со Оно, а „во друг случај, дури и ако се само три минути подоцна, тоа ќе биде пекол. Не би можел да ги издржам ниту тие три минути.“

За неговите, заедно со сопругата, протести против Виетнамската војна, Џон Ленон објаснува зошто попрво не се одлучил за финансиска помош на жртвите.

„Луѓето веројатно ќе речат: Зошто не даде ориз?; и нашиот одговор е дека пробуваме да го превенираме ракот, наместо да го лекуваме, откако веќе се случил. Да имавме доволно пари ќе ги правевме и двете работи. Но, ние навистина повеќе веруваме во превенција отколку во лекување.“

Со британската поддршка на САД за Виетнамската војна, Ленон го објаснува и враќањето на Oрденот на Британската Империја во 1969 година.

На прашањето од новинарот: Зошто воопшто го примил орденот (во 1965)?, тој одговара: „Па, бев лицемер … Ако се добиваат медали за убивање, тогаш секако би требало да се добиваат за пеење и одржување на британската економија на добар пат.“

За невидената слава на ‘Битлсите’ Џон Ленон зборува од позиција на аџија кој бил постојано искушуван:

„Станавме опседнати од духот на луѓето кои нѐ обожуваа … имајќи ја сета таа енергија што луѓето ни ја даваа … го загубиме патот“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here