Експериментирањето, честото пробување со нешто ново во работата; ги зголемува шансите еден креативец да дојде до некоја моќна идеја со која ќе наниже успеси во кариерата; кога, пак, големата идеја ќе ја експлоатира без дефокусирање, без обиди да понуди нешто различно.

Ова е образецот кој се повторува кај ликовните уметници, режисерите и научниците кои во одредени моменти од кариерата влегле во серија успеси, покажува ново истражување помогнато од вештачка интелигенција и објавено во научното списание Nature Communications.

„Иако експериментирањето се смета за ризик кој можеби не води никаде, тоа ја зголемува веројатноста да наидете на извонредна идеја. Наспроти ова, на експлоатацијата (на една идеја) обично се гледа како на конзервативна стратегија. Ако искористувате само еден ист пристап во работата подолго време, тоа би можело да ја задуши креативноста. Но, интересно, истражувањето (барањето нови пристапи) следено од експлоатација се чини дека е доследно поврзано со почетоците на низите успеси“, велат авторите на студијата.

Кариерата на режисерот Питер Џексон (кој самиот вели дека животот му е поделен на три дела: пред, за време и после „Господар на прстените“) е прегледен пример во контекстот: почнал правејќи гротескни хорор комедии со еклектичен пристап (експериментална фаза), а ‘поентираше’ стабилно влегувајќи во блокбастерските води со трилогијата „Господар на прстените“ (експлоатациска фаза; по проверениот рецепт Новозеланѓанецот продолжи и со трилогијата „Хобит“).

Питер Џексон

Научниот тим што ја сработил студијата успехот на поединците опфатени во истражувањето го мерел преку податоци како движењето на аукциските цени на уметничките дела, рејтинзите на филмовите на IMDb, цитати од научни публикации. За да се најде образец поврзан со успешните серии била анализирана работата на 2128 уметници (вклучувајќи ги Џексон Полок, Фрида Кало, Винсент ван Гог), 4337 режисери (како Унгарката Марта Месарош и споменатиот Питер Џексон) и 20040 научници, меѓу нив и нобеловци. Се проверувало колку бил разнолик пристапот на овие луѓе во различни фази од нивните кариери.

Со оглед на големиот број ‘испитаници’ овде добро дошла вештачката интелигенција; која во случајот на ликовната уметност била ‘научена’ да препознава различни стилови проверувајќи ги потезите со четката, формите, предметите застапени на различните дела. Кај филмовите, односно режисерите, вештачката интелигенција знаела да ги разликува фазите на авторите според приказната и промените во кастингот. Кај научниците системот лесно препознавал различни теми на истражување проверувајќи ги објавите во соодветни публикации.

Разноликоста во пристапот на поединците пред и после нивните успешни серии потоа била споредувана со разноликоста во случајно одбрани периоди од нивните кариери. За сите три категории истражувањето покажало дека нивната работа тежнеела да биде поразнолика непосредно пред успешните низи, за разлика од случајно одбраните фази од кариерата.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here