Над 130 црно-бели портрети во голем формат, поставени густо здружно, деновиве доминираат на фасади на две згради од скопската улица Рузвелтова (44a – 46а, 130)

Портретираните се таму зашто стојат зад поставените цели на акцијата „Нека светлината од уметникот се одрази врз целата заедница“ (Let the light of the artist, reflect on the whole society).

Со која се сака да се каже дека ако вниманието на јавноста помасовно се сврти кон уметниците, сите ќе ги почувствуваме бенефитите од она со што тие ќе вратат, рефлектирајќи врз општеството.

Или обратно: ако и натаму ја занемаруваме културата – ако не ги поддржиме уметниците – ќе продолжиме да го жртвуваме креативното и инспиративното, на олтарот на прозаичната политичка реалност со сѐ поограничени можности, веќе полна со ќорсокаци.

Зашто на работата на уметниците предолго се чувствува одекот од ставот на општеството: овде е бесмислено да се вложува во култура. При што како доказ се користи и малубројноста на публиката која ги следи случувањата од областа на културата и уметноста.

Меѓу 130-тината портретирани во рамките на акцијата покрај уметници има и културни работници, како и граѓани свесни дека културата и уметноста ни се најсилен неискористен потенцијал за ‘подобро утре’.

Иницијатори на акцијата „Нека светлината од уметникот се одрази врз целата заедница“ се Весела Моловска и Марија Коробар, а истата е реализирана како дел од проектот „Inside Out“, осмислен од познатиот француски уметник JR како глобална платформа што овозможува поединци и групи да се изразат преку портрети на протагонистите од нивните каузи, изложени на јавен простор.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here