Последниве години од речиси сите серии на кои сме им дале шанса, покрај препораките од критиката и евидентниот квалитет, не сме одгледале повеќе од неколку епизоди. Можеби пред петнаесетина години дел од нив би биле и серии за кои ќе се зборува; но сега, додека ги гледаме, не можеме да се ослободиме од ‘јанѕата’: да не си го губиме времето? – зашто сигурно има нешто подобро од огромната понуда на стриминг платформите, поисплатливо за на него да се потроши краткото време што ни останува за опуштено седнување пред телевизор или лаптоп.

Оттука нѐ изненадија две серии на HBO на кои деновиве им дадовме шанса; од кои едната, чија прва сезона е излезена докрај, ја одгледавме цела продолжувајќи си го времето за целта за сметка на спиењето; а од другата баш чекаме следна епизода.

Двете серии се многу интелигентно замислени и не помалку вешто реализирани; без мани поради кои би проработила споменатата јанѕа.

Првата е социјалната сатира „Белиот лотос“ (The White Lotus), на креаторот кој ѝ е и сценарист и режисер, Мајк Вајт; која уште со првите минути, за што и да сте расположени (за гледање), веднаш ќе ви го направи ‘твистот’, удобно и интензивно сместувајќи ве во својата средина.

Втората е „Сцени од брачниот живот“ (Scenes from a Marriage) на креаторот, сценарист и режисер Хагаи Леви; која е римејк на истоимената шведска минисерија на Ингмар Бергман од 1973 година. Овде ќе издвоиме дека серијата во најголема мера ја носи маестралната игра на Оскар Ајзак и Џесика Честејн.

Без да навлегуваме во рецензии, препораката за двете серии е безрезервна.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here