Големиот Џим Џармуш уште на почетокот на својата, сега веќе 40-годишна кариера, јасно го нашол/знаел својот филмски сензибилитет. Зашто никогаш не почувствувал потреба да го изневери. Дури и во ‘техничкиот’ дел; со долгите, статични кадри, со исчистена до сржта, минималистичка визура, во кои не се случува „ништо“ што може да се раскаже, а има многу ‘филм’.

Истата доследност ја имаат и неговите колажи на кои е посветена првата ликовна монографија на американскиот режисер, минималистички именувана, „Некои колажи“ (Some Collages); а која излегува усогласено со изложба во њујоршката галерија Џејмс Фуентес (James Fuentes).

Џармуш овие уметнички дела ги правел над дваесет години; и одново, како и во филмот, од почеток знаел што сака; што е очигледно од конзистентноста на визуелниот јазик низ долгите години во случајот. Колажите се направени од исечоци од весници залепени на тенок картон со димензии на нотес, а нивната ‘тема’ вклучува слики на значајни личности, чии лица се заменети (грубо, како без намера да се прави верна илузија) со глави на животни, на други луѓе; со предмети или нешто четврто.

Ако мора, ова творештво на Џармуш ќе го определиме како дадаистичко, каде некогаш има појасна ‘нарација’ (како кога го заменил лицето на папата со исечок од текст за Аушвиц), но во најголем дел од колажите авторот му се обраќа само на нашето ирационално, како докажан мајстор за активирање на потсвесниот аспект; на користењето полнокрвни симболи, кои се, нели, оние со значење преку очигледното.

Погледнете ја галеријата …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here