По пандемискиот пад од 34% на пазарот на современа уметност, истиот успеал силно да се поврати, особено со оглед на околностите на здравствената криза, со рекордни (за овој сегмент од вкупниот пазар на уметност) 2,7 милијарди долари остварени од аукциски продажби меѓу јуни 2020 и јуни годинава (двоен раст во однос на претходниот период за споредба). Така вели новиот годишен извештај на Artprice, според чии податоци ова се должи и на префрлањето на онлајн продажба и на брзиот раст на популарноста на NFT-ата (незаменлив токен – non-fungible token); во првиот случај, јасно, како последица на мерките за сузбивање на ширењето на Ковид-19, а во вториот благодарение на специфичната жед за вложување во уметност од страна на новите, млади крипто (валутни) милионери.

Според извештајот цените на современата уметност скокнале до својот историски максимум на почетокот на изминатово лето, па сега растот на овие цени, во однос на раните 2000-ти, изнесува 400%, правејќи го овој сегмент од вкупниот пазар на уметност најдинамичен и најпрофитабилен.

Анализата на продажбите кои придонеле за растот на пазарот покажува промена на вкусовите, односно зголемен интерес на колекционерите за дела кои се ‘покомпатибилни’ со дигиталната ера, како фотографии или принтови. За разлика, на пример, од скулптурите, чија продажба бележи пад (како на овие дела со поголема тактилна податливост да влијае нашата пандемиска воздржаност од секое ненужно допирање 😆). NFT-а биле (нематеријален 😁) предмет на отприлика 33% од онлајн продажбите и на околу 2% од вкупниот пазар.

Како и да е, сликарството останува примарен медиум на пазарот на современа уметност, со 2 милијарди долари од продажби или 73% од прометот. Дела на платно биле застапени со 82% меѓу продадените по цена од над милион долари, во споредба со цртежите и скулптурите кои овде биле застапени со по 6%. Девет NFT-а се продале по цена од над милион.

Според извештајот голема улога одиграл и подемот на азискиот пазар: Хонгконг е втор главен град кога е во прашање интересот за купување/продавање на современа уметност, веднаш по Њујорк; со тоа што прометот во Кина, заслужен за 40% од вкупните продажби, го надминал американскиот кој придонел со 30%, пред третото Обединето Кралство со 16%. Извештајот дополнително посочува на таканаречената „црна ренесанса“, потенцирајќи ја големата побарувачка за дела на уметници кои не ѝ припаѓаат на европеидната раса, а кои „ги трансформираат големите музеи, саемите за уметност, приватните колекции и целиот пазар“.

Баскијат останува најпродаван современ уметник на аукции, чии дела ‘собрале’ 93,1 милиони долари од продажби, додека втор е Бипл (Beeple – професионалното име на Мајк Винкелман), чиј NFT (колажот „Everydays: The First 5000 Days“) во март се продаде за неверојатни 69,3 милиони долари.

Ако сакате детали од извештајот, побарајте ги овде

„Воинот“ на Баскијат продаден во март за речиси 42 милиони долари

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here