Иако керамиката често ја доживуваме повеќе како занает отколку како уметност (дури и во уметничките школи главно се образуваат дизајнери на керамика за потребите на индустријата), оваа уметност одамна покажала дека е податлива за авангардно експериментирање. Тука ќе го споменеме „Лудиот грнчар“, Џорџ Ор (George Ohr) (1857-1918), кој бил уметник пред своето време, ослободувач на изразноста на глината; чии дела останале неоткриени половина век по неговата смрт пред да добијат признание олицетворено и во фактот што музејот на Џорџ Ор го дизајнирал големиот Френк Гери. Во поново време, пак, на патот на натамошното растегнување на уметничката слобода на глината, е виенскиот арт колектив Gelitin кој во 2017 изложи керамички скулптури обликувани со помош на телата на односните уметници; поточно со пенетрирање на нивните гениталии во влажна глина …

А сега, со групната изложба „Clay Pop“ (Глинен поп(- арт)), е направен и првиот голем пресек на најактуелното што се случува во керамичката уметност. Во њујоршката галерија Џефри Дајч (Jeffrey Deitch) изложуваат 37 уметници, кои во меѓувреме си создале неформална заедница околу новиот правец за реинвенција на керамичката скулптура. Заедницата е најактивна во Лос Анџелес каде неколку од овие уметници си споделуваат керамички печки и ателјеа.

Изложбата „Clay Pop“ покажува дека керамиката, која предрасудите ја сведуваат на грнчарски производи, па, на пример, била изоствена како чинител на поп-артот; сега му дава нова димензија на правецот популарно асоциран со Енди Ворхол. Од она што може да се види (и во галеријата подолу) керамиката е новооткриена како многу благодарна платформа за експериментирање, одејќи далеку преку границите на занаетот и дизајнот (сфатен како индустриска категорија) …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here