Премиерата на третата сезона на „Следоред“ (Succession) HBO ја закажа за 17-ти месецов. Ако, како нас, желно ја очекувате, овде можете да се потсетите на финалето од претходната сезона, преку кратката, но прониклива анализа на истото, напишана од Александра Ристески.

А на ова конто – загревање за третата сезона – ќе пренесеме две изјави од ѕвездата на „Следоред“, Брајан Кокс, кој во серијата го игра медиумскиот тајкун и патријарх на семејството Рој, Логан; чиј обид да си избере наследник наметнува забрзано и болно, но неопходно созревање или соочување со реалноста на неговите четири деца, изведено бравурозно до достојност на шекспировите драми (креаторот на серијата, Џеси Армстронг, во ова својство ќе го наречеме достоен наследник на најголемиот драматург).

Првата изјава на Брајан Кокс, фалениот шекспиријански актер (со сезони поминати на сцените на Кралските (на Обединетото Кралство) Шекспиров и Национален театар), е дека кога кастингот е автентичен – во смисла глумците да играат ликови со кои имаат исти или слични животни искуства – се игнорира актерската вештина. Кокс смета дека овој кастинг пристап е погрешен, „зашто глумата треба да подразбира занаетска вештина“. Па, ако од ова заклучиме дека актерите од „Следоред“ не се избрани по принципот „автентичен кастинг“, а играат беспрекорно по плетката на фината, како пајакова драмска мрежа на Џеси Армстронг, пораката е оти се мајстори на занаетот.

Втората изјава на Брајан Кокс е коментар на интерпретацијата на „Следоред“ и како сатиричен осврт на семејството на медиумскиот тајкун Руперт Мердок, со извесни упатувања и на милијардери од видот на Илон Маск и Џеф Безос.

„Во Логан има по нешто од сите нив. Но, исто така, семејството (Рој, од серијата, н.з.) стана свое, посебно. И, всушност, една од причините поради кои ми се допаѓа Логан (ликот што го игра Брајан Кокс, н.з.) е што тој никогаш не би го направил она што го направија ебаните (Ричард) Бренсон или Маск или Безоз: ‘Ајде да одиме горе на небото зашто ни требаат повеќе вселенски бродови’. Не, не ни требаат повеќе вселенски бродови. Што се случува со планетата, па да ни требаат повеќе уривања горе, на небо? Не мораме да одиме во вселената. Кај им е главата, каде е нивното чувство за мера, живеењето во реалниот свет?“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here