„Се чувствувам помладо“, вели врвниот 77-годишен шкотски актер Иан Мекдермид, најпознат по улогата на императорот Палпатин во „Војна на ѕвездите“. А од контекстот на тазе интервјуто што го дал за британски „Индепендент“, може да се заклучи дека му здодеало цел (главно професионален) живот да биде старец.

Уште за споменатата улога што најшироко го прослави бил избран зашто изгледал (или бил способен да направи да изгледа) ако не старо, тогаш барем прилично ‘зрело’. Џорџ Лукас, пред конечно да одлучи кој ќе биде императорот во „Враќање на џедајот“ (1983), за улогата барал многу стар човек. А Иан Мекдермид имал 39 години.

Но, Мери Селвеј (почина во 2004), која добро си ја знаела работата (нејзин е кастингот на филмишта од видот на „Alien“ (1979), „Raiders of the Lost Ark“ (1981), „Gosford Park“ (2001)), го пикирала кога го видела како го игра остарениот тајкун Хауард Хјуз во театарска претстава.

„Немав многу шминка. Бев блед, имав перика и големи нокти. Тоа беше сѐ“, се сеќава Мекдермид. А Мери Селвеј веднаш отишла кај Лукас, и иако знаела колкава возраст бара креаторот на „Војна на ѕвездите“ од актерот што ќе го игра императорот, му соопштила дека го има решението:

„Знам еден кој е во доцните триесетти, но веројатно би можел да биде уверлив како старец“.

Џорџ Лукас ѝ поверувал – би рекле: со апсолутно право. Секако, во меѓувреме го видел Мекдермид.

Последниот вели дека сега, на стари години, сѐ помалку верува дека луѓето може да се определат како добри или лоши (веројатно имајќи ја предвид и палетата на премини од еден во друг етички контраст кај одредени ликови од „Војна на ѕвездите“, како во случајот на Анакин-Дарт Вејдер):

„Не го барам доброто во луѓето (…) Очекувате дека тие воглавно ви ја кажуваат вистината. Но, како стареете сѐ помалку можете да си го губите времето со луѓе кои се прават слепи или се обидуваат да ги заслепат другите прикривајќи ја вистината“, вели Мекдермид, пред да додаде:

„Ми се допаѓа фактот дека сум одговорен за сето зло во филмовите од ‘Војна на ѕвездите’. Мислам дека го надминав и сатаната.“

Како и да е, на крајот признава, но не се предава:

„Стар сум. Некои мали нешта ме освестуваат за тоа, ден по ден. Но мислам дека пристапот не треба да биде предавање. Никогаш не се опишувам како стар. Ако турнам нешто јас си велам: не е до моите години, туку само турнав нешто.“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here