Ремек-делото на Хиеронимус Бош, „Градината на земните задоволства“, е исклучително податливо за интерпретации, но преовладува толкувањето дека главната цел му е да ги дијагностицира човечките падови, лични и колективни, од анамнеза до предочување на крајниот исход. Иако оваа голема библиска тема треба да ги застраши ‘грешниците’, холандскиот мајстор од времето на ренесансата ѝ пристапил без ниту трошка морализирање; и со уште помалку патетично жалење за судбината на светот. Несфатливото го доловил со симболи непозајмени од традицијата. Сето ова, во функција на споменатата отвореност за интерпретации, спарено со никогаш застарениот дизајн, го прави делото од колекцијата на мадридски Прадо секогаш современо.

Но, од меѓународниот уметнички проект базиран во Мадрид, Colección SOLO, решиле во „Градината на земните задоволства“ да се обидат да ‘засадат’ помодерни експонати: на петнаесетина уметници им дале задача одново да ја промислат темата и да го реинтерпретираат делото низ медиуми по волја: од сликарство, скулптура, керамика, преку звук и дигитална анимација, до вештачка интелигенција. Делата за целта биле собирани од 2016 година, а говорат за конзумеризмот, солипсизмот на социјалните медиуми, претворањето на сексот во роба … нешта што веќе – еве ќе допуштиме: макар имплицитно – ги има кај оригиналот на Хиеронимус Бош. Но …

„Microcosm“ (2008) (детал), Miao Xiaochun

„Еден од поводите беше идејата дека оригиналното дело претставува некој вид ренесансна верзија на интерактивно уметничко дело (…) Тука е и идејата за Бошовата градина како огледало за сегашноста (од односното време). А ако го поставиме ова огледало во дваесет и првиот век? Нема ли да нѐ натера да ги поставиме важните прашања за тоа што ни се случува?“, објаснуваат од Colección Solo, пред да се обидат да се оправдаат околу намерите да рециклираат нешто што никако не може да се каже дека е веќе употребено:

„Бош бил иноватор и прилично сме сигурни дека би се воодушевил од опсегот на употребените различни медиуми; и од опсегот на различни мислења застапени на изложбата. Барем се надевам. Или можеби би бил шокиран. Можеби би мислел дека сме тргнале кон пеколот.“

Како и да е, ако ве интересира, повеќе за проектот куриран од Colección SOLO можете да дознаете и да видите овде

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here