Во годинава на јубилејната, 700-та годишнина од смртта на Данте Алигиери (деновиве одбележана и кај нас со 21-то издание на Неделата на италијанскиот јазик организирана од Амбасадата на Италија во Скопје), Равена е една од главните сцени каде што се слави големиот поет и неговото монументално дело, „Божествената комедија“.

Данте во Равена го завршил „Рајот“ (третиот дел од „Божествената комедија“), непосредно пред да почине во 1321; и таму се наоѓа неговата гробница (од родната му Фиренца се правени многу обиди за преземање на посмртните останки на Данте – и со помош на двајца папи – но, не е постигнато повеќе од тоа, маслото кое гори во кандилото во гробницата да го даруваат фирентинците).

„’Црниот’ Данте“, дело на италијанскиот скулптор Анџело Бјанчини (1911-1988), како дел од изложбата „Последниот град на Данте“

Секако, равенчаните како жители на градот што е престолнина на мозаикот не пропуштиле јубилејот да го одбележат и со уметноста по која се најпознати.

Ротари клубот од Равена е покровител на конкурсот за мозаик распишан по повод 700-годишнината од смртта на Данте Алигиери, а за студентите на Ликовната академија од истиот град.

Под насловот, „Илустрирање на комедијата: Пеколот“, студентите требало да се изразат ‘мозаично’, во димензии 40×40 сантиметри, водени од стиховите од „Пеколот“ на Данте.

Финалната селекција на делата меѓу кои ќе биде избрано првонаграденото е веќе направена – се работи за 9 мозаици (како 9-те круга од „Пеколот“ и „Чистилиштето“ ☺) кои од неодамна се изложени во зградата на префектурата (Palazzo della Prefettura) на главниот равенски плоштад, Пјаца дел пополо (Piazza del Popolo); а во рамките на изложбата „Последниот град на Данте“.

Покрај одличните мозаици на деветмината финалисти на конкурсот, ние сепак ќе си дозволиме да го фаворизираме навистина маестралниот на нашиот Мишо Стојановски (го имавме задоволството изложбата да ја видиме на лице место) – и поради вештината на изработката; и поради концептуалната замисла.

Мишо Стојановски, „Без надеж“
„Без надеж“ (детал)
Мишо Стојановски, Piazza del Popolo, Равена

Ќе се уверите и самите, додека уживате во галеријата со делата и на другите осум финалисти, меѓу кои е, исто така нашата, Аница Китаноска, наградувана мозаичарка.

Повелете …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here