Титулата прво име на денешниот хорор, Мајк Фланаган успева да ја потврдува со неверојатно темпо; особено имајќи предвид дека последниве години влезе во серија од цели серии, ‘пресечена’ со солидното продолжување на Кјубриковото/Стивен Кинговото „Сјаење“ (The Shining), односно со филмот „Доктор Сон“ (Doctor Sleep, 2019). Што, мора да се признае, воопшто не е лесно во жанрот каде и натаму пречесто се оперира со клишеа – тука мора да му се оддаде чест и на Џордан Пил (кој ја носи титулата редефинирач на хоророт), па и на одредени ‘инцидентни’ автори (со по едно квалитетно остварување, засега).

Но, ќе повториме: на Фланаган веќе со години му успева да погоди што и како треба да раскаже, односно да им понуди свежина на љубителите на жанрот. Ни се допаднаа и двете негови „Проклетства“: едното „на куќата Хил“ (The Haunting of Hill House, 2018) – другото „на поседот Блај“ (The Haunting of Bly Manor, 2020) … но, посебно ‘ни легна’ последното што го сработи за Нетфликс, минисеријата „Полноќна миса“ (Midnight Mass, 2021); осмислена, напишана и режирана од Фланаган.

Кој овде успеал да стигне до крајната граница до каде што може да оди погрешното толкување на верата, додека како покритие, сосем уверливо според критериумите на ‘самостојната’ логика, го користи токму Светото Писмо.

Примери за екстремни застранувања од „тесниот пат“ до Рајот покажан во Христовото Евангелие не недостигаат. Некои од најѕзверските војни се водени меѓу христијански деноминации, додека истите се повикувале на „правото по верата“. Зборуваме за примери кога во Светото Писмо наместо да се најде вистината, во оваа смисла како Божја, односно апсолутна, според која човек треба да се коригира; всушност се бара (многу благо кажано) легитимирање на нашата мера за човечкото. Ова се ситуациите на кои се однесува и Павловото: Буквите убиваат кога човек се оглушува за критериумот – за Духот што ги оживува правејќи ги Свето Писмо.

Е, Мајк Фланаган во „Полноќна миса“ ова го тера докрај. Во клучни делови од Светото Писмо наоѓа покритие – со слободно толкување, но логички спојливо со библискиот текст – за замена на Христос со неговиот антипод, ѓаволот. За замена на Божјата бесмртност со вампирската живо-мртвост; на причестувањето со вечно живиот Христос, со причестување со вампирска крв за соодветно „оживување“.

Можеби тезата ви звучи натегнато, но Фланаган со мајсторското водење на приказната ќе ве увери колку ‘природно’ може да произлезе ваков исход; во една малечка, изолирана островска заедница, верски возглавена од харизматичен свештеник, идеално одигран од Хемиш Линклетер; помогнат за целта од најревносната верничка во парохијата, не помалку уверливо донесена од Саманта Слојан. Топла препорака.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here