Седнуваат да разговараат пред камера еден од најзначајните галеристи на денешницата, Емануел Перотан, и еден од најзначајните писатели, Фредерик Бегбеде (инаку, омилен писател на Перотан).

Која им е темата на овие двајца Французи? Еден од најзначајните ликовни уметници на денешницата, Италијанецот Маурицио Кателан.

Поконкретно, неговото дело од 1995 година, „Еротан, вистинскиот зајак“ (Errotin, le vrai lapin); при што „Еротан“ е кованица од името и презимето на галеристот Емануел Перотан (кој има галерии во Париз, Хонгконг, Њујорк, Сеул, Токио и Шангај; а ја организирал првата самостојна изложба на Дејмиен Хрст (When Logics Die, 1991)), смислена од Кателан (кого Перотан го застапува) во функција на делото: имено, во тек на односната изложба на Маурицио Кателан, галеристот секојдневно ‘дефилирал’ низ изложбениот простор облечен во розев зајачки костим што потсетува на пенис. Идејата е промена на односот на моќ меѓу галеристот и уметникот (со тоа што, во случајов, уметникот го става својот застапник за продажба во незгодна, да не речеме понижувачка положба).

Емануел Перотан како „Еротан, вистинскиот зајак“

Изборот на темата на која разговарале Перотан и Бегбеде – „Еротан, вистинскиот зајак“, ја направил писателот:

„Се восхитувам на самоисмејувањето. Во случајов се работи за речиси дадаистички потег од страна на еден трговец со уметност. Спремноста вака да се исмеваш себеси направи да те засакам. На барањето на Кателан да поминеш месец облечен како фалус, не верувам дека многу галеристи би одговориле потврдно?“, гласи ‘нападот’ на Фредерик Бегбеде кон Перотан.

„Тој (Кателан, н.з.) не праша било кого. За мене тоа беше привилегија. Сакаше да се позанимава со статусот на галеристот, кој ‘продава’ доверба и сериозен углед (…) Маурицио е под огромен притисок кога организира изложба и побара вака лично да се ангажирам. Сакаше да види дали ќе се согласам да го направам тоа. Тоа беше извонреден момент, ми го смени животот. Луѓето сега секогаш ме гледаат со таа смешна малечка слика на ум, ‘Еротан, вистинскиот зајак’“, му враќа Емануел Перотан, кој на францускиот писател му остава да го извлече заклучокот од муабетот:

„Идејата зад овој лик е, исто така, да се создаде скандал, да се поигра со скандалот. Скандалот е оружје, но исто така ‘те вози’, забавен е. И треба да го задржиме овој дух, да ги шокираме луѓето, да ги протресеме. Оваа визија отсекогаш постоела, зашто ни била потребна. Оскар Вајлд, дендизмот, ја закова: да ја сочуваш елеганцијата додека се валкаш по подот шокирајќи ги луѓето. Отсекогаш сум го сакал ова и тоа во литературата е витално. Уметникот е должен да ги крши нормите. Ние мораме да бидеме неразумни, да ги вознемируваме луѓето. Уметник кој не вознемирува не треба да постои. Скандалот е медиум што не треба да се злоупотребува, но, може да ги движи нештата нанапред. Ова е нашиот заклучок од ова брилијантно предавање; од овој муабет за современата уметност.“

Целото (кратко) видео можете да го погледнете овде


Екстра Кателан:

На неодамнешното патување во Равена (Италија) ја посетивме и тамошната ликовна академија. Како фанови на Маурицио Кателан (роден во блиската Падова), многу нѐ израдува кога на една од фасадите здогледавме извонреден мозаик, посветен на Кателановата банана, односно на неговото семинално дело „Комичарот“. Насловот на мозаикот, „Ова не е банана“ (Ceci n’est pas une banane), е на француски; зашто очигледно реферира и на познатата „Измама на сликите (Ова не е луле)“ (La Trahison des images; Ceci n’est pas une pipe) на Рене Магрит од 1929 година. Повелете …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here