„Лично, не мислам дека политичарите можат да дојдат до решение за климатската криза. Но, се надевам дека ќе смислат одржлив пат за одложување на катастрофалните последици од неа“, вели познатиот исландско-дански уметник Олафур Елијасон, кој традиционално е присутен во градовите каде се одржуваат глобални климатски самити, како актуелната конференција на ОН за климатските промени (КОП26), што се одржува во Глазгов до 12-ти месецов.

За конференцијата во најнаселениот шкотски град Елијасон има и филм за тоа како уметноста и активизмот заедно можат да го помогнат постигнувањето на климатските цели; при што во активистичкиот дел соработува со докажаниот Јужноафриканец Куми Наиду (поранешен директор на Гринпис и генерален секретар на Амнести Интернешенал).

Последниот, како антиапартхејд активист од својата 15-годишна возраст, можел да се увери колку уметноста и културата можат да засилат одредена кауза:

„Во тек на ослободувањето на Јужноафриканската Република имавме многу неписмени луѓе, па начинот да ги вклучиме во борбата беше преку деликатна употреба на уметноста, културата, музиката, танцот.“

Оттука, додава Наиду, активистите и прогресивците можат многу да научат од ликови како Стив Бенон (контроверзниот советник на Доналд Трамп; мајсторот на реските поделби во општеството; кој самиот засебе зборуваше како за инкарнација на Дарт Вејдер), „кои многу подобро сфаќаат дека културата ги движи политиката и општеството, а не обратно“.

Куми Наиду

Мислата (на Наиду) ја надополнува Елијасон, кој вели:

„Дел сум од привилегираниот глобален Север, каде треба темелно да ги преиспитаме идеите и вредностите што го створиле нашето богатство преку експлоатација и насилство на кои денес ги темелиме нашите општества на благосостојба.“

Инаку, покрај со Куми Наиду, Олафур Елијасон деновиве во Глазгов соработува и со шкотскиот уметник и поет Роберт Монтогмери; чија светлосна инсталација моли да биде „спасен рајот“ со 1000 малечки соларни светилки развиени од Елијасон во проектот „Малечко Сонце“, од кои последниве 10 години се испорачани 1,5 милиони за луѓето од подсахарска Африка кои живеат без електрична енергија.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here