„Кај мене короната удри во камен“, знае пригодно да се пошегува на своја сметка скулпторот Александар Наумоски, мислејќи на камената прашина со која му се обложени дишните патишта од долгите саати што ги минува работејќи со камен во своето ателје. Поради овие и куп други слични причини – за блескав резултат уметникот кој работи со камен треба и работнички грубо да запне, односно добро да се испоти – повеќето скулптори наместо да го ‘освојат’, го заобиколуваат величествениот камен, во ерата на нови материјали и 3Д принтери. Но, инаку воздржаниот Наумоски, целиот се озарува, смекнува кога зборува за овој класичен скулпторски материјал; за неговата природа, душа, карактер …


Претпочиташ камен, си работел и со метал. Како да бараш ‘линија на поголем отпор’ додека се изразуваш творечки?

Не, напротив. Материјалот го бирам во зависност од формата на идејата. Со метал работев одамна, после дипломирањето. Првата изложба насловена „Силуети” беше комплетно изработена во метал и тука тој циклус го затворив. Идеите на кои сега размислувам се насочени кон мермерот и други видови камен.

Како почна со каменот? Кога се случи моментот на ‘откровението’?

Отсекогаш сум се фасцинирал од делата на големите светски мајстори на скулптурата кои работеле со камен. Ја имав таа среќа да имам прилепско потекло и секое лето да престојувам таму, баш за време на одржување на прилепската ликовна колонија, каде што работеа наши и интернационални уметници. Голем удел имаше и менторот на факултетот, Драган Попоски – Дада (1933-2021), кој несебично ми ги откри тајните на „занаетот” и сум му бескрајно благодарен.

Во моментов работиш иконостас. Кој покрај тоа што ќе краси, на верните во храмот ќе им ја сведочи реалноста на воплотувањето Божјо, канејќи ги на вечност, на учество во воскреснатото Тело Христово, што е црквата. Како ова влијае на твојата практика како скулптор?

Прво му благодарам на Господ, како и на дедо Пимен за честа баш јас да бидам дел од тој историски настан. Прва македонска православна црква изградена надвор од Македонија. Пред сѐ чувствувам огромна трема и одговорност. Прв пат правам вакво нешто. Во исто време се чувствувам исполнет и со голема радост. Најголемиот дел од слободното време го посветувам таму, а веќе помина една година од неговиот почеток. Едвај чекам да го видиме монтиран.

„Пиетата“ на Микеланџело лично ми е едно од најимпресивните уметнички дела. Настрана од погодноста на Карарскиот мермер, се работи ли за неповторливост од ‘каменорезачки’ аспект?

Во секој случај, да! Пред сѐ, ја има направено на 19-годишна возраст, што е исто така интересен факт за неговата генијалност. Јас лично ги ценам и Роден и Бернини, како врвни скулптори кои работеле во мермер.

Работиш ли уште камени лавабоа и кади? Овозможувајќи човек дома да има санитарии што истовремено се уникатни скулптури.

Со лавабоата почнав посериозно пред три-четири години, оттогаш досега имам направено петнаесетина од различен тип на камен. Најчесто за нив го користам ониксот, но, исто така, експериментирам и со речни камења. Ги работам исклучиво по нарачка, и тогаш со клиентот се договараме каков тип на камен да се употреби и каков дизајн ќе има лавабото.

За крај, препорачај некој филм, книга, музика, ликовна уметност … што те воодушевиле во последно време (или порано ☺)

Филм не сум гледал не се сеќавам од кога … Неколку години дома немам ни телевизор. А за музика, последниве неколку години ми е омилена изведбата на „Кашмир“ од Лед Зепелин, од нивниот последен концерт „Селебрејшн деј“. Нема ден да не ја слушнам барем еднаш, понекогаш и повеќе пати. https://www.youtube.com/watch?v=PD-MdiUm1_Y

Следи галерија дела на Александар Наумоски …

Иконостасот …

… и лавабоата …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here