Деновиве, поточно во саботата (6-ти ноември), во црква на периферијата на Мелбурн што веќе не се користи за богослужби, британскиот уметник добитник на Тарнеровата награда во 2004-та година, Џереми Делер (Jeremy Deller), ја поставил и стопил својата нова, еднодневна скулптурална инсталација, нарачана од Австралискиот центар за современа уметност (ACCA).

Делото наречено „Татко и син“ (Father and Son) вклучувало покана за јавно бдеење, во која е содржан новозаветниот цитат: „А Исус им рече: ‘Вистина, вистина ви велам: Синот не може да прави ништо Сам од Себе, ако не Го види Отецот да прави; оти, она што го прави Он, тоа истото го прави и Синот’“ (Јован, 5, 19).

Посетителите на бдеењето имале можност прилично долго да медитираат на темите моќ, влијание, смена на генерации (со кои, на пример, достојно се занимава и „Следоред“), зашто таткото и синот прикажани во инсталацијата, како восочни фигури во природна големина, биле медиумските тајкуни Руперт Мердок и неговиот син Лаклан, запалени (како свеќи) да согоруваат бавно.

„’Татко и син’ е дело претставено во историски момент на општествена промена, во кој постоечките структури на моќ сѐ повеќе се преиспитуваат како дел од јавниот дискурс“, забележуваат од ACCA.

Реакциите на учесниците на бдеењето, објавени онлајн, како и на останатите заинтересирани за последното дело на Џереми Делер, секако ја потенцираат улогата во поларизацијата на општествата на таткото тајкун Руперт и наследникот Лаклан преку нивната глобална медиумска империја.

Ќе го издвоиме ‘освртот’ на ликовниот критичар со Пулицерова награда, Џери Салц (Jerry Saltz), кој на „Инстаграм“ напиша дека делото е „едно од најдобрите годинава“; образложувајќи оти инсталацијата го истакнува „безвредното наследство и профити на семејството кое го освои целиот свет, но си ја загуби душата; и го уништи светот со својата бесна нетрпеливост, омраза и тиранска суровост“. Салц не запира тука, туку на американските власти им порачува: „Депортирајте само едно семејство и растурете ги сите нивни бизниси како домашен тероризам: Мердокови. Направете го тоа и Америка ќе почне да заздравува.“

А во својата единствена изјава по поводот, Џереми Делер на своето дело се осврнува со една метафора на крајот:

„Библијата беше најголема инспирација за создавањето на ова дело, со нејзините приказни за конфликти, семејства и трансформација. Тоа е книга што ја впивав како дете и оттогаш се чини дека поголемиот дел од животот го поминав талкајќи по цркви и музеи. За мене, на некој начин, црквите се заменливи простори, во кои границата меѓу сакралното и профаното е замаглена.“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here