Познато е кога (ако развојот на пандемиската ситуација не ја одложи одново) ќе се одржи големата изложба на Аниш Капур во Венеција, каде првпат ќе може да се видат дела на кои е искористен ‘неговиот’ најцрн црн материјал, фамозниот Вантаблек. Резервата ставена во загради е зашто оваа изложба требаше да се случи годинава – во моментот на нејзиното најавување, во март 2020, се сметаше дека до пролетта 2021 ќе има услови да се одржи – но, ете, беше одложена; од ковид причини.

Новиот најавен датум на отворање е 20 април 2022, три дена пред вратите за публиката да ги отвори и следното Венециско биенале (23 април 2022).

Локацијата на изложбата останува венециската Галерија на академијата, со тоа што овој пат дел од дејствието ќе се случува и на второ престижно место, а имено Палацо Манфрин.

Замислена како сеопфатна ретроспектива, изложбата треба да даде увид во клучните моменти од кариерата на Капур, односно можност прегледно да се проследи развојот на неговиот уникатен визуелен јазик.

Што ќе може да се види во однос на особено интересниот дел споменат во првата реченица на текстот – а, имено, делата со Вантаблек – и натаму не се знае. Освен дека сега наместо Вантаблек (на Аниш Капур му ги оспоруваат ексклузивните права за користење на материјалот), се комуницира синтагмата јаглеродна нанотехнологија:

„За првпат ќе бидат изложени револуционерните нови дела, креирани со користење јаглеродна нанотехнологија“, најавуваат од Галеријата на академијата.

Од конференцијата за медиуми одржана деновиве по поводот, може да се заклучи дека во концептуалниот дел, новите Капурови дела (со јаглеродна нанотехнологија) се во дијалог со ‘старата’ уметност, односно старите мајстори, вообичаено асоцирани со институции како Галеријата на академијата и Палацо Манфрин.

„Голема чест е да бидеш поканет во релација со колекциите во Галеријата на академијата во Венеција; можеби една од најдобрите колекции на класично сликарство каде и да е во светот. Целата уметност мора да има однос кон она што било порано (…) Чувствувам длабока почит за Венеција, за нејзината архитектура и посветеност на современите уметности“, е изјава на Аниш Капур.

Директорот на амстердамскиот Национален музеј (Rijksmuseum), еден од водечките експерти за Рембрант, Тако Дибиц, кој организаторите го поканиле да биде куратор на Капуровата изложба, вели дека новите дела на британскиот уметник роден во Индија „ветуваат дека ќе бидат откровение“:

„Секој уметник, колку и да е авангарден и современ, е во дебата со своите претходници. Галеријата на академијата е совршено место за еден модерен мајстор да ги истражува темите што отсекогаш ги предизвикувале скулпторите и сликарите. Најновите дела на Капур, во кои е користена најнапредната нанотехнологија, ветуваат оти ќе бидат откровение.“

Од Галеријата на академијата додаваат дека делата на еден од најголемите современи уметници се прецизно поврзани со уметничкиот контекст на значајни искуства и референци; и ја оживуваат самата историја на Венеција и нејзината сликарска традиција од која Аниш Капур непрестајно црпи, како од извор на инспирација и креативност:

„Капур израснува од корените на венецијанското ренесансно сликарство, истражувајќи ја неговата суштина и интимно комуницирајќи на идејно, би можеле да кажеме дури и концептуално ниво, со Белини, Џорџоне, Тицијан, Веронезе и Тинторето“.

Новите дела кои првпат ќе може да се видат, според организаторите ќе понудат поглед напред, преку ретроспективата, како доказ за виталноста и визионерството на моменталната практика на Аниш Капур.

Повеќе за неговата ‘најцрна црна’ можете да прочитате и овде

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here