Асистентот на Дејвид Хокни, знаејќи дека ќе му направи ќеиф на својот шеф кој е страстен пушач, му купил подметнувачи за пивски чаши украсени со минималистички цртеж на пепелник со потпрена цигара, и придружен ‘слоган’: „Ми здодеа велнесот“.

Уметникот кој ги изработил, а се нарекува Г-дин Бинго (Mr Bingo), дознал за ова; и бил толку воодушевен што „најголемиот жив уметник на светот“ (според мислењето на Mr Bingo објавено на Twitter) ги користи неговите подметнувачи, што се осмелил да побара дозвола од Хокни да го сподели моментот на социјалните медиуми.

А Дејвид Хокни, покрај со потврден одговор, го удостоил и со своерачно напишано ‘олеснување’ на темата што го натера и да се пресели од Америка во Франција:

„И мене, исто така, ми здодеа велнесот; концептот ми делува смешно и премногу заповеднички; уште пушам и уживам премногу. Никогаш не сум бил во ‘теретана’. Одам малку побавно и не многу далеку, но и натаму работам секој ден. Имам изложба во Париз со дело долго 90 метри (нацртано на iPad, н.з.) кое прикажува цела година во Нормандија. Го сакам животот.“, му порачал Хокни на Mr Bingo.

Останува да видиме како последниот ќе го искористи ова јако ‘бинго’ што му го дал лично еден од најзначајните живи уметници. Би требало да знае да го ‘капитализира’, зашто целата ситуација со Хокни изгледа како остварување на ‘сонот на соништата’ на Mr Bingo.

Кој 15 години работел како илустратор; и за клиенти како The New Yorker, The Guardian, TIME, The New York Times; но, во меѓувреме му се случиле некои работи за кои можете да прочитате во секцијата ‘абаут’ на неговиот веб-сајт, по кои одлучил веќе да не работи за клиенти и да се фокусира на тоа да стане „некој вид уметник“.

„Претпочитам добрите идеи да ги претворам во лични проекти наместо да ги трошам на компании“, се зборови на Mr Bingo.

Пред да пренесеме галерија од трудови на Mr Bingo, еве го и неговиот совет за заинтересираните да се занимаваат со илустрација или уметност воопшто:

„Работете го она што сакате да го работите, не следете трендови, бидете искрени, работете повеќе од луѓето кои имаат нормална работа; правете од ова кариера само ако уживате во истото; не очекувајте моментален успех, не споредувајте се со другите; бидете натпреварувачки поставени, но не и безобѕирни; игнорирајте ги советите (понекогаш); ако мотивот ви се пари најдете редовна работа; не заборавајте да се забавувате.“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here