Очекувано, барем според нашето скромно мислење, иако не за сметка за нашата возбуда, Мишо Стојановски победи на конкурсот за мозаик распишан по повод 700-годишнината од смртта на Данте Алигиери, за студентите на Ликовната академија од Равена.

Церемонијата на доделувањето на наградата, во голем стил се одржала вчеравечер, во рамките на свечена вечера приредена од покровителот на конкурсот – Ротари клубот од Равена, на која покрај учесниците на конкурсот и раководството на равенските Ротаријанци (застапени на насловната фотографија), присуствувале повеќе важни ликови од културната сцена на градот кој е престолнина на мозаикот.

Мишо Стојановски со Аница Китаноска и членот на жирито, Даниеле Страда

Во жирито кое го одбрало победникот биле искусните мозаичари Лучана Нотурни и Даниеле Страда, а свој ‘амин’ на церемонијата дале и директорката на Ликовната академија од Равена, Паола Бабини, како и признатиот психоаналитичар (јунговец) и публицист, Клаудио Видман.

Со Клаудио Видман

Во телефонски разговор, од Мишо Стојановски побаравме накратко да ни ја раскаже приказната зад победничкиот мозаик:

„Ред во хаосот. Таков е ‘Пеколот’ на Данте. Затоа мозаикот го базирав на строга геометрија, во која го сместив ‘својот’ пекол, базиран на Дантиевиот. Го опфатив патот на Данте низ пеколот, но без буквално да го илустрирам, туку правејќи истиот да се почувствува или барем да се насети. Многумина мојот мозаик ги потсети на ‘Герника’ од Пикасо, ремек-делото кое покажува дека како луѓе можеме да направиме овој свет на живите да биде верна слика на пеколот.“

Симнуваме капа!

P.S.

Во тек на видео разговорот Мишо Стојановски ‘на блиц’ ни покажа што работи моментално. Останавме со подзинати усти. Во догледно време очекуваме голема изложба. Со дела во повеќе медиуми во кои е вичен Стојановски; врзани со цврста, релевантна, елоквентно дефинирана концептуална нишка …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here