Огромните буџети со кои располага за реализација на своите револуционерно амбициозни визии еден од најмоќните филмски играчи, Џејмс Камерон, секако не објаснуваат зошто неговите филмови последователно ја креваат нашата, популарната имагинација, на следно ниво. Камерон, долго пред да ја земе камерата, не го пуштал моливот од рака. Дострелите на својата раскошна имагинација – што значи тешко дофатливи, успевал да ги отелотвори уште како дете, замислувајќи и цртајќи вонземјани, соодветни за нив далеки светови, технолошки чуда што би нѐ приближиле до тие светови. Како растел, неговата уметност добивала на софистицираност, веќе поконкретно истражувајќи ги темите што ќе го интересираат и како режисер и ќе доведат до „Терминатор“, „Вонземјани“ (Aliens), „Титаник“, „Аватар“.

Овој процес ‘од моливот до камерата (и сета технологија ставена во служба на бескомпромисните креативни замисли на Џејмс Камерун)’, прегледно го става на увид книгата што ќе излезе следниот месец, „Тек ноар: Уметноста на Џејмс Камерон“ (Tech Noir: The Art of James Cameron), во издание на Insight Editions, достапна за преднарачка по цена од 75 долари.

Каде првпат, на 336 страници, е собрана огромната лична архива на Камерон, на цртежи со молив, пастели, слики …, сето збогатено со негови коментари и предговор од режисерскиот му колега, Гилермо дел Торо.

„Склопувањето на книгата ми беше скоро како следење на нишките, на сета ДНК на идеите на кои моментално работам“, се зборови на Камерон, кој денес нема многу време за цртање и овој дел им го препушта на професионалци кои се вклопуваат во сепак, неговата голема слика за одреден филм; иако, вообичаено, продолжува самиот да црта барем по неколку ликови од секој свој проект.

„Секогаш цртав. Цртав додека зборував на телефон. Цртав додека бев на часови. И кога ќе завршеа часовите, трчав дома за пак да цртам (…) Мислам дека има нешто што те дисциплинира кога сам ги црташ нештата. Тоа те принудува да носиш одлуки. Некогаш (говорејќи за некои од најсложените суштества од ‘Аватар’ кои биле креирани во еден потег), тоа е само тој див гест.“

Ако зборуваме низ призмата на ‘струката’, Камерон е самоук, иако некогаш одамна дури и заработувал за живот цртајќи плакати за експлоататорски (Б) филмови и сликајќи позадини за филмски сценографии.

Со тоа што не се одлучил да се школува како ликовен уметник, веројатно има врска ‘нагонот’ (и како цртач) да размислува ‘филмски’:

„Приказната ми е секогаш на прво место. Додека се навраќав на моите цртежи и слики, сфатив дека повеќето раскажуваат приказна во еден кадар. Мислам дека како филмаџија имам голема корист од тој импулс во една слика да спакувам наративна вредност.“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here