Како по светот да нема доволно уметници со издржани концепти, одредени галерии на петте минути слава се надеваат од проекти кои освен звучни зборчиња во ‘насловот’ и евентуално ‘поднасловот’ немаат никаква содржина.

Свеж пример за ваков креативен лов во матно дава галеријата Praise Shadows од Бостон, која заедно со салонот за тетовирање Three Kings од истиот град, организираше изложба од продолжителниот перформанс на 33-годишната уметница Никол Вилсон.

Последната со сопствена крв си ги тетовира тетоважите откриени на најстарата европска природна (природно мумифицирана, за разлика од познатите египетски мумии) човечка мумија. (Наброивме сѐ што е интересно во проектот, односно ‘клучните зборови’: крв – и тоа од самата уметница; тетоважи; мумија).

Инаку мумијатата за која станува збор е од таканаречениот Еци, познат и како Ледениот човек, кој живеел околу 3300 години п.н.е. Откриена е во 1991 во глечер во Ецталските Алпи, во близина на границата меѓу Австрија и Италија.

На телото на Еци има 61 тетоважа, сите во форма на линии или крстови, чие значење и натаму не е ‘дешифрирано’. За разлика од денешните тетоважи, Ециевите не се направени со игла, туку со засеци на кожата во кои бил втриван јаглен здробен до прашина.

Еци

Никол Вилсон слушнала за Еци во своите рани детски години и наводно се опседнала со мумијата.

Па, во 2012 година почнала да ги тетовира на своето тело тогаш познатите 59 тетоважи на Еци, и тоа за целта користејќи сопствена крв. Секако, телото на уметницата ја реапсорбирало речиси целата крв набрзо по тетовирањето, но останале темни лузни каде што пигментот од крвта побавно исчезнувал од површината на кожата.

Во 2016 Вилсон го повторила проектот поради нова студија што открила повеќе тетоважи на Еци (?!); односно 61, поделени во 19 групи. Во декември истата година однела две епрувети сопствена крв во бруклинската експозитура на салонот за тетовирање Three Kings и тетоважите одново биле поставени на местата на кои ги имал и Еци.

Наредните четири години Вилсон документирала како тетоважите ѝ избледуваат; и на изложбата што траеше до 20 ноември, можело да се видат фотографии од процесот.

‘Додадената вредност’ е што како втора локација (покрај галеријата Praise Shadows) е додадено тату студио (демек, невообичаен простор за изложба), а дигитални датотеки со цртежи, верни репродукции на тетоважите на Еци, уметницата продава на блокчеин.

За да не испадне дека не ѝ даваме простор да се објасни, ќе ги пренесеме нејзините мисли водилки за проектот (во кои можеби некој и ќе најде издржано оправдување за истиот):

„Еци претставува архетип – неговите знаци означуваат без да се знае што е означено. Тука видов можност да го искористам овој недостаток од значење (или нашата неможност да го откриеме значењето) како начин да одиме понатаму од она што оваа мумија ни значи денес, истовремено пристапувајќи ѝ и како на архетипски човек.“

За Вилсон минливоста на нејзините тетоважи (за разлика од Ециевите) ја одразува врската меѓу кои и да се две тела чие поврзување е условено и од законите на универзумот и останатите ограничувања што може да ги наметнат различни околности.

Нема поента да се коментира, ама, сепак … во случајов не би имало никакви ограничувања од универзумот или околностите ако наместо крв користела вообичаени материјали за тетовирање. Добро … тогаш можеби би ја немало и изложбата …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here