„Врелото претставено преку изложбата ‘Извор’ на Јулија Барбун извира од две земји километри оддалечени една од друга. Едната раширена на два континенти, а другата сосем мала, но доволна да ги збере сиот мотив и енергија на Изворот на Јулија“, пишува повеќестраниот, инаку правник, Владимир Патчев, во својот осврт на изложбата што на 22 ноември беше отворена во КСП „Центар-Јадро“. Следи интервју со уметницата родена во Русија, а, се чини, препородена овде, зашто „Македонија не би ја менувала за ниедна друга земја“

Имаш уметнички израз (би го нарекол непосреден) што без остаток ја пренесува инспирацијата на платното. Дополнително, за максимална бистрина, секоја слика од твојата изложба „Извор“ оди и со придружен текст. Сепак, можеш ли да ни ја скицираш реката која ги носи сите овие слики … и се влева … каде?

Ви благодарам на убавите зборови. Со сликање на платно почнав да се занимавам од 2014 година, ама тоа беше само чисто за мене и за моите блиски. Но, кога сфатив дека моите дела навистина им се допаѓаат на другите, во мене некако се појави уште повеќе мотив за цртање. Конкретно оваа изложба ја подготвував многу долго. Се барав себеси, барав мој посебен стил на сликање и инспирација. Заклучив дека треба само да си пуштам музика, да ѝ се препуштам и да цртам така како што ми доаѓа одвнатре. Овој стил на цртање претставува интуитивна уметност, бидејќи навистина сликам по мојата интуиција и никогаш не знам каков ќе биде исходот на крајот на делото. Во сите дела се проследуваат силуети на девојки: со тоа сакав да ја покажам величината на секоја жена. Дека жената е извор на сѐ, таа самата за себе е мотиватор, оган и истовремено смиреност; таа е разбирање и сталоженост, таа е борба и двигател. Имам и јас покрај мене, низ цел живот, силни и амбициозни жени кои сакав да ги претставам во овие дела. Воедно го открив во мене жарот за пишување на мали текстови и искажување на сопствени мисли и посакав оваа изложба да биде посебна, проследена и со мали текстови кои ќе го дообјаснуваат делото и емоциите кои што сум ги чувствувала во тој момент или сум доживувала одредена ситуација. Целта и приказната на оваа изложба е да претстави едно девојче како станува жена, од грдо пајче да стане бел лебед. Со што сѐ треба таа да се соочи, да почувствува и да помине низ животот за да се спознае себеси, да си најде свој внатрешен извор на љубов, позитивна енергија, женска мудрост, амбиција. Во делата се опишува како таа спознава љубов, чувствува инспирација во себе; како таа е сама по себе оган и во исто време смиреност; силата и стравот во неа.

На платната си своја и воопшто не сакаш да залажуваш со имитирање некаков академски шмек. Го чувствуваш ли некогаш недостатокот од формална уметничка едукација? И кои ти се омилени уметници?

Јас сум самоука, а се инспирирам од различни слики и техники, разгледував секакви дела, гледав видеа каде се применуваат најразлични техники. Не го чувствувам недостатокот од формално уметничко образование, но сакам да се надградувам и сакам подлабоко да навлезам во уметноста, да научам нови работи, техники. Уметноста е цела наука, а јас сум само на почеток, само со желба за поголем сопствен развој. Знам дека морам и сакам да научам повеќе, а со тоа и ќе можам да творам подлабоки и поуникатни дела; ќе си ги зголемам можностите за сопствено изразување. Сѐ што е од современа уметност ме воодушевува, без оглед од кој уметник потекнува. Од македонската сцена и се восхитувам на Жани Гелевска. Нејзините слики за мене се нешто посебно.

Што најмногу ти недостига овде, од Русија, и го најде ли своето, кое, како што пишуваш во брошурата од изложбата, си го барала „во сосема туѓа држава“?

Јас во Македонија дојдов како мало 9-годишно дете и тогаш немав избор туку морав да се снаоѓам, да го учам јазикот, да се прилагодувам на средината. Дете со одредени, веќе создадени навики, сфаќања и сосема поразличен менталитет, многу побавно може да се вклопи во друга средина. Како мала се соочував со недоразбирања од страна на моите пријатели бидејќи имав поразлични сфаќања од нив за многу работи. Од секогаш се чувствував како да сум растргната меѓу два света – едниот тука во Македонија, другиот е кога доаѓав дома, во Русија. И едното и другото ми е дома, никако не може да е поразлично, но тие два дома се сосема различни. И сега со текот на годините и со моето растење и созревање можам да кажам дека тука се пронајдов. Ја засакав оваа држава како своја, ги сакам тука луѓето и особено природата. Не би ја менувала оваа држава за ништо друго.

Што сакаш да читаш, да слушаш, да гледаш?

Искрено порано ич не сакав да читам, но откако го одгледав мјузиклот „Норд-Ост“ (во московскиот театар каде што беше поставен мјузиклот потоа имаше терористички напад, кој многу ме потресе), поставен по книгата на Вениамин Каверин „Дваjцa капетани“, истата ја прочитав и толку ме воодушеви, што почнав да читам сѐ. Се трудам да читам руски класици и повеќе книги на руски јазик за да не го заборавам јазикот. Во последно време преферирам психологија и за опуштање некои детективски или крими романи – страста кон детективи ми ја пренесе дедо ми. Во глобала слушам руска музика, а во песните ми се многу битни текстовите. Порано се занимавав со фотографија и од тогаш многу уживам во природата – ми се чини дека и од таму ја црпам најголемата инспирација – ја сакам македонската природа и секогаш ѝ се восхитувам. Сакам да посетувам изложби и базари со секаков вид рачни изработки, бидејќи и со тоа се занимавам. Им се воодушевувам на тие луѓе кои што создаваат нешто уникатно со своите раце.


Следи галерија – дел од она што можеше да се види на изложбата „Извор“ (на крајот има и пример од малите текстови со кои Јулија Барбун ги комбинира своите слики)

„Руската зима … сред лето …

Одеднаш, но многу полека.

Студена, но не е ладна.

Само снегулките ги ловиш со празниот поглед

некаде вперен далеку пред себе.

Мислите се кристално чисти,

јасно ја согледуваат прогнозата за понатаму.

Колку степени треба да стигне

за да се замрзне руското срце?“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here