Пол Томас Андерсон ни е еден од омилените режисери. Истовремено и писатели, чии ‘книги’ ги читаме на филм. Самиот ги има напишано приказните за повеќето свои филмови, сите имагинативни („Magnolia“, „Phantom Thread“, „The Master“, „Punch-Drunk Love“, „Boogie Nights“); а во два случаи, не помалку занесно, адаптираше романи („There Will Be Blood“, „Inherent Vice“).

Утре ќе има ограничена премиера во одредени американски кина неговиот нов филм, за кој одново напишал оригинална приказна, „Licorice Pizza“ (пошироката дистрибуција ќе почне на 25 декември), во кој продолжува да соработува со семејството Хофман, односно со синот на нему омилениот, починат Филип Сејмур Хофман, Купер Хофман, во неговото актерско деби.

По повод премиерата, Пол Томас Андерсон за Њујорк Тајмс зборува и за денес замаглените граници меѓу филмовите и сериите (особено минисериите правени според највисоки филмски стандарди), присетувајќи се на времето кога растел, „со филмовите кои беа магични, а телевизијата беше нешто што го имавте дома, во ‘кутија’“.

„Овие денови се одамна поминати“, секако носталгично забележува режисерот, кој сепак го разбира моменталниот тренд на претпочитање минисерии (од видот на – првите што ни текнаа – „The Young Pope“, „Midnight Mass“, „Chernobyl“, „The Night Of“), што е „одличен формат кога функционира“, се сложува и Пол Томас Андерсон.

Кој, како што вели, досега не добил понуда да се ‘опроба’ и со серија, во потценетиот во однос на киното телевизиски формат (иако одамна Netflix, на пример, се гледа на мобилни телефони, со тоа што подолгите содржини бараат поголем екран, барем како на лаптоп, ама сепак најмногу се стримува за проекција на телевизор – кутија, што би рекол Андерсон).

„Јас продолжувам да си играм во моето ќоше од игралиштето. Како писател, мислам дека често фантазираме кога се бориме со уредувањето на материјалот: ‘Имам толку многу материјал, можеби е за минисерија’. А всушност, не, не е, само треба да ја средите својата приказна.“

Според Андерсон, најдобро траење за едно филмско остварување е околу 2 часа. За кое признава дека и не успевал да го запази; особено во фасцинантниот „Magnolia“, кој дури преминува во четврти час. Со новиот „Licorice Pizza“ отприлика е во границата што ја задава – ја надминува за дваесетина минути.

Погледнете го трејлерот за новиот филм на Пол Томас Андерсон (со “Life on Mars?” на Боуви како звучна подлога)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here