Ако не бил фудбалот и генијот на фудбалската игра Диего Армандо Марадона, не само што ќе ги немавме „Големата убавина“, „Младиот (…)“ и „Новиот папа“, туку воопшто немало да биде жив Паоло Сорентино, најголемиот уметник меѓу режисерите на ова време. Имено, како навивач на Наполи, дораспален од доаѓањето на Марадона во клубот, Сорентино на 5 април 1987 година, кога имал неполни 17 години, отпатувал до Емполи за да ги бодри своите „сини“ (и на нашиот Елмас) и на тамошното гостување. Инаку ќе бил со неговите родители во викендичка на Апенините, кои истата вечер загинале, отруени од јаглероден моноксид што протекувал од расипан систем за греење.

Оттука, неговиот нов филм до чија премиера на Нетфликс броиме денови – закажана е за 15 декември, неслучајно се вика „Божјата рака“ (È stata la mano di Dio); а оние фанови на Сорентино кои следат и фудбал веднаш ќе се сетат дека тоа е прекарот на Марадона, што го носи по голот со рака постигнат против Англија на Светското првенство во Мексико, 1986; поточно поради изјавата по односниот натпревар дека голот го дал со неговата глава, помогната од Божјата рака☺

По повод новиот филм, што е романсирана биографија на Паоло Сорентино како адолесцент во родниот му Неапол, режисерот дал интервју за британски Индепендент во кое кажува дека долго неодлучно размислувал дали да ја сними оваа приказна, за конечно да се охрабри откако го одгледал „Рома“ на Алфонсо Куарон (филмот со три Оскари е базиран на спомените од детството на Куарон, поминато во неговото маало во Мексико Сити, Рома).

„Сфатив дека и личен, приватен филм, може да раскаже универзална приказна“, вели Сорентино во интервјуто, додавајќи дека „Божјата рака“ е толку различен од неговите претходни филмови, што морал стилот да си го преврти наглавечки. Во овој контекст објаснува и зошто овој пат не му ја препуштил фотографијата на Лука Бигаци, неговата проверена сродна филмска душа:

„Овој филм бараше многу почист пристап, со помалку уметност во делот на движењето на камерата, осветлувањето и сето тоа. Естетиката не ми беше главна грижа.“

Трејлер за „Божјата рака“ на Сорентино

Можноста да се види нешто, односно да не се види, е битен мотив во „Божјата рака“ (на пример, ако имаше ВАР-технологија во 1986 и беше видена од судијата во ВАР-собата раката на Марадона, ќе фалеше слој магија во фамата за аргентинскиот фудбалски магионичар).

Коментирајќи го својот нов филм во интервјуто, Сорентино кажува работи кои функционираат и самостојно (без да има потреба да го прераскажуваме раскажаниот филм кој уште не сме го одгледале), па така и ќе ги пренесеме:

„Способноста да се види (нешто што другите не го забележуваат, н.з.) ја изразува суштината на мојата работа, на мојата професија. Тој (ликот кој во филмот треба да биде Сорентино) е опседнат со можноста да гледа. Кога не може да види, многу страда. Ние филмаџиите постоиме поради нашата можност да видиме.“

Италијанскиот режисер вели и дека ако не му се случела големата семејна трагедија, никогаш не би станал режисер; односно оти не би знаел да ја цени и искористи слободата:

„Мислам дека највисокиот степен на слобода често доаѓа заедно со недостатокот од слобода. Кога слободата ви е неприкосновена, на крајот нема да го направите со неа она што сте имале намера. Таква беше ситуацијата во која се најдов кога имав 17 години, кога бев комплетно слободен, но не знаев што да правам. Единствениот начин на кој вистински ја искористив слободата беше станувањето режисер. Инаку културното средина би ме спречила: занимавањето со филм би било сметано за потполно лудо и забрането.“

Семејната трагедија што му го скратила детството, му го донела и неизбежниот (според доживувањето на Сорентино) песимизам на возрасните:

„Сметам дека само децата можат да бидат среќни. Кога одговорноста за светот е на рамењата на некој друг и си целосно безгрижен. Поради моите лични трагедии ја загубив оваа безгрижност порано од повеќето луѓе. Во такви моменти ја губите можноста да бидете среќни“, вели режисерот, кој силно се надевал дека својот нов филм, „Божјата рака“, ќе може да му го покаже на Марадона; и и отткука многу жали што Аргентинецот почина (лани).

„Божјата рака“ на Марадона

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here