Оние кои барем малку следат фудбал сигурно го знаат извонредниот напаѓач на Манчестер Јунајтед и на англиската репрезентација, Маркус Рашворд. А фановите на „црвените ѓаволи“ секако се горди што 24-годишниот Рашворд е и голем хуманитарец, најмлад добитник на почесен докторат на Универзитетот во Манчестер за неговите кампањи против сиромаштијата што ги погаѓа децата (пред него само ‘институциите’ на Јунајтед, Алекс Фергусон и Боби Чарлтон, двајцата со титули сер, добиле вакви докторати).

Маркус Рашворд е автор и на детска книга, овогодинешен бестселер во Британија, „Ти си шампион“ (You Are a Champion), која е дел од истата кауза; во случајов од аспектот да им се помогне на ‘непривилегираните’ деца да го остварат својот целосен потенцијал.

Годинава англискиот фудбалер стартуваше и клуб на читатели во соработка со англискиот издавач Мекмилан, за да охрабри создавање навика/љубов за читање кај најмладите; покрај другото и со подарување книги на деца од сиромашни семејства (а веќе подолго време фудбалерот помага обезбедување бесплатни училишни оброци).

Самиот бил неприливигирано дете, едно од петте одгледани од самохрана мајка на ‘минималец’:

„Почнав да читам книги дури на 17-годишна возраст. Дома немавме книги, ниту опкружувањето ни беше за читање книги. Мајка ми работеше на три работни места, а јас ја пронајдов мојата слобода во шутирање на топката наоколу. Тогаш ми беше тешко да читам книги. Многу малку ликови (од книгите) личеа на мене. Мојот живот беше далеку од бајка. Ова искуство е во основата на потребата од клубот на читатели – претставување, прифаќање и потврдување. Секое дете кога ќе ги земе овие книги (што ги препорачува клубот) треба да чувствува дека се напишани за него“, вели Маркус Рашворд во интервју за Гардијан.

„Целта ни е децата да ги користат книгите како начин за соочување со секојдневните предизвици. Да бидат инспирирани, мотивирани и најпосле да можат да сонуваат за тоа што би можеле да бидат еден ден. Она што ми падна в очи е како нивните желби се променија откако го стартувавме клубот. На почеток повеќето деца ми велеа дека сакаат да бидат фудбалери како мене. А сега имаме деца кои сонуваат да бидат уметници, архитекти, ветеринари …. Тоа го сакав, да веруваат дека можат да бидат сѐ што ќе посакаат.“

За книгите што ги препорачува во својот клуб на читатели Рашворд вели дека бара автори и илустратори – креативци кои доаѓаат од слични средини како децата на кои треба да им се помогне.

„Сакам овие автори да ги ставам на пиедестал и да им покажам на децата дека иако тие потекнуваат од слична средина како нивната, направиле големи кариери правејќи го она што го сакаат, а околностите во кои израснале не ги попречиле (…) Мојот сон е да охрабрам повеќе емпатија кај следната генерација, да се свесни за богатството што го носат нашите различности, наместо врз база на различностите да се делат. ‘Ти си шампион’ не е напишана за да освојува награди, туку за да му помогне на едно дете какво што бев јас да развие алатки за навигација низ секојдневните предизвици. И навистина сум горд од начинот на кој книгата ја прифатија децата од сите средини“, вели Рашворд во интервјуто.

Бидејќи во неговата книга има поглавје „Никогаш не престанувај да учиш“, Маркус, давајќи пример за доследност, вели дека годинава научил и да готви, кога и го почнал проектот што треба да им помогне на семејствата со скромни буџети гордо да влезат во своите кујни и со готвење да поминат драгоцено заедничко време.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here