Еден од најзначајните скулптори денес, Аниш Капур, се претставува како сликар, во галеријата Modern Art Oxford, со дела настанати годинава и лани; од кои дел се полнокрвни слики на кои само се насетува потекло во скулптуралната логика, а дел одат до самата граница меѓу скулптурата и сликарството, и се буквално скулптурални слики.

Кога веќе ја споменавме полнокрвноста (во однос на сликарството како медиум, а во смисла на чистотата, расната ‘немешаност’; несомненост на Капур и како сликар), асоцијативно ќе го потенцираме и очигледното – она што на секого прво ќе му падне в очи кога ќе ги види делата на споменатата изложба што се вика „Аниш Капур: Сликарство“ (Anish Kapoor: Painting), кои изгледаат ‘раскошно’ крваво; како мајсторски, но сепак искасапено, измрцварено месо; во кое уметникот како опсесивно да барал нешто многу важно, а скриено како игла во куп сено.

Овој ‘ефект’ се објаснува со пристапот на Аниш Капур при создавањето на делата изложени во оксфордската галерија. Кој смета дека еден уметник мора да биде отворен да го прифати и ‘незнаењето’, при што мисли на неизвесноста, креативниот ризик во однос на тоа како ќе му испадне одредено дело. Капур, во контекстот бара и од гледачот да се ‘одучи’ во однос на она што мисли дека го знае за уметноста; и конкретно во случајов, од она што мисли оти го знае за своето тело, сфатено како манифестација на себството.

„Светот трепери кога од моето далечно минато ќе го извлечам она што ми треба за да ги живеам длабочините на моето себство“, 2020

За нештата да станат појасни, еве што вели лично Капур:

„Има игри што еден уметник треба да ги игра сам со себе, како: првата идеја е најдобрата идеја. Не треба да седи и да мисли што би направил или ова не е доволно добро. Само треба да ја реализира првата идеја. Ова е многу, многу важно.

Толку сме се навикнале на предрасудата што можеме да направиме, а што не, што го забораваме нашето длабоко себство. Целта на уметникот е да ве потсети на тоа длабоко себство, да го најдете и да му дозволите да биде.

Јас имам многу силно чувство на себство, но кај сум бил пред да се родам и кај ќе одам откако ќе умрам? Дали сум само ова што го гледам на себе, рацете, нозете, трупот? Зашто кога ќе ги затворам очите таму е едно целосно ново јас, темна внатрешност, многу поголемо јас. Овие дела го истураат надвор внатрешното, крвавото, биолошкото, ритуалистичкото. Црвеното ја прави темнината, барем според моето сфаќање, на начин на кој црното не може, зашто (црвеното, крвта) нужно подразбира терор. Тука има конкурентска опасност постојано; во речиси секоја наша реакција; секогаш имаме жртва, и тоа се случува без крај. Ние тоа си го правиме едни на други.

Она што го барам е гледачот да се вклучи во овој асоцијативен поетичен процес, во тоа што се случува во уметникот, наместо очигледно да испорачам некаква порака.“

Дополнително објаснување со зборови на уметникот ќе позајмиме од интервју што по поводот го дал за Гардијан:

„Овие дела се многу, многу насилни. И само се прашувам каква врска има ова со она што е во мене. Можам да седнам и да ги психоанализирам. Не знам како. Но, препознавам дека има материјал за психоанализа (…) Додека работев не пристапував интелектуално. На пример, само сакав да направам квази женска фигура со многу гради и да видам што ќе се случи. Дали би можел да ја размотам нејзината надворешност и да ја видам нејзината проблематична внатрешност, полна со крв и црева и дојки и сето тоа? Фројд би имал цело поле за работа (…) Уметноста што ја сакам, уметноста што ја создавам, се надевам дека ја слави сензуалноста, додека цело време ‘знае’ оти распаѓањето е блиску.“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here