Дека годинава била добра за продавање уметност, по годишниот извештај на „Сотбис“, покажува и соодветниот на ривалската аукциска куќа, „Кристис“. Британската куќа стара 255 години, која во 2017-та го продаде најскапото парче уметност на сите времиња – сликата „Спасителот на светот“ што спорно му се припишува на Леонардо да Винчи, ‘пријави’ најдобар резултат во последниве 5 години – нејзините вкупни продажби во 2021-ва изнесуваат 7,1 милијарди долари (кај „Сотбис“ бројката е 7,3 милијарди и е најголема во 277-годишната историја на куќата).

Во извештаите од ваков вид годинава неизбежно е да се одбележат продажбите на дигитална уметност, односно NFT-а (незаменливи токени), каде „Кристис“ може да се пофали со историскиот NFT момент: во март го продаде делото на Бипл (Beeple – професионалното име на Мајк Винкелман), „Everydays: The First 5000 Days“, за неверојатни 69,3 милиони долари. Доволно за од „Кристис“ да се прогласат за „водечка аукциска куќа за NFT-а“. Како што стои во извештајот, по она на Бипл продале уште 75 парчиња уметност ‘спакувани’ како незаменливи токени, за вкупна сума од 140 милиони долари.

„Everydays: The First 5000 Days“, Beeple

Нарекувајќи ги овогодинешните резултати „исклучителни“, од „Кристис“, речиси со истите зборови како „Сотбис“, објаснуваат дека пробивот го направиле „со новите продажни формати и категории, посебно NFT“, што овозможило „да презентираат дела на нови, недоволно застапени уметници чие време доаѓа; и да стигнат до нова публика од помлади клиенти“. Дигиталната уметност учествувала со 8% во вкупните продажби од категоријата современа уметност и привлекла многу млади купувачи од кои 74% биле нови за „Кристис“. Просечната возраст на купувачите во 2021-ва била 42 години, што се смета за ‘детска’ кога се работи за колекционери на уметност. Дефинитивно тешката 2020-та, пандемиски најоптоварената година, аукциските куќи ја искористиле за да креираат ефикасни хибридни модели на продажба, со многу технологија, односно можности за онлајн наддавање, и на крајот резултати што се покажуваат во извештаите.

Едно од најголемите права да се фалат на „Кристис“ им го даваат двете најскапо продадени дела на аукции годинава: „Жена која седи покрај прозорец (Марија-Тереза)“ (Femme assise près d’une fenêtre (Marie-Thérèse)) на Пикасо, кое се продаде за 103,4 милиони долари; и „Во овој случај“ (In This Case) на Баскијат, купено за 93,1 милиони (најскапо продадено дело во 2021-ва на „Сотбис“ е „Младичот со медалјон“ на Ботичели – 92,2 милиони долари).

„Femme assise près d’une fenêtre (Marie-Thérèse)“, Pablo Picasso

Друг момент кој од „Кристис“ го потенцираат во извештајот е продажбата за 332 милиони долари на дела од збирката импресионисти на американскиот бизнисмен Едвин Кокс кој почина лани (иако сумата е одвај половина од најголемиот успех на „Сотбис“ во овој дел: продажбата на збирката на њујоршкиот милијардер Хери Меклоу и неговата сопруга, чија само прва половина ‘отиде’ за 676 милиони долари).

Целиот извештај на „Кристис“ можете да го прочитате овде

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here