Кога во 1976-та година, во ‘ниш’ делот од светската ликовна сцена, тогаш релативно непознатиот Х. Р. Гигер (Ханс ‘Руди’ Гигер; 1940 – 2014) ја насликал денес иконичната слика „Некроном IV“ (Necronom IV), всушност го креирал чудовишното вонземно суштество кое три години подоцна ќе го прослави преку филмското платно, во ремек-делото на Ридли Скот, „Вонземјанин“ (Alien, 1979).

А овој влез на голема врата во Холивуд на Гигер му го отворил сценаристот на филмот, Ден О’Бенон, кој својата прва средба со сликата (Necronom IV) ја опишал како потресна и истовремено восхитувачка, од мерата во која ѝ е дадена убавина на една толку страшна појава.

„Совршен организам. Со неговото структурно совршенство може да се мери само неговата анимозност. Незаматена од совест, чувство на вина или од заблудите на моралноста“, гласи цитат – опис на вонземниот ултра-предатор од филмот „Вонземјанин“, за чиј дизајн Х. Р. Гигер доби и Оскар (за визуелни ефекти) во 1980-та (Гигер е дизајнер на сите фази од развојот на ‘ксеноморфот’, како што уште се нарекува вонземниот предатор – од јајцата од кои се ‘испилува’, до возрасната варијанта, како и на вселенските летала и позадините во филмот).

Но, швајцарскиот уметник, кој беспорно треба да се вброи меѓу најзначајните на нашето време, имал чувство дека не е доволно вреднуван, па дури и игнориран од холивудските моќници (можеби зашто бил „голем ексцентрик“, како што покрај комплиментите за Гигер наведува Ридли Скот во својата изјава по повод смртта на уметникот во 2014-та):

„’Фокс’ (20th Century Fox) почна да се плаши од мене. Воопшто не сакаат да ми оддадат признание“, напишал своевремено Гигер во својот дневник кој деновиве е првпат изложен јавно, во берлинскиот Шинкел павилјон; на изложба што нема дилеми околу кредитите што дотичниот ги заслужува.

А таму, покрај „Некроном IV“, може да се видат прилично дела од неговиот опус, избрани за целосно да се отслика неповторливата имагинација на Гигер, донесена со совршено техничко мајсторство.

Еве, да потсетиме и да му ‘симнеме капа’ и ние, на големиот Гигер …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here