Ретки се професионалците во земјава (не само) од научно-културните дејности кои со потребната компетенција, посветеност, постојаност, ентузијазам и креативност си ја работат работата.

Пофалбите во оваа смисла за етнокореологот уметник Бојан Петковски се дотолку поголеми, колку што е за жал потценет неговиот, инаку круцијално општествено важен предмет на научен и уметнички интерес (не само ако се има предвид актуелниот историски спор, односно обидите за оспорување на нашиот национален идентитет).

Со ваква беспрекорност или подобро е да кажеме бескомпромисност од секој аспект на неговата работа, Бојан Петковски вчеравечер нѐ почести и со новото од него: филмот „Не плети лесо“, чија проекција се одржа во Порта Македонија.

Краткиот филм потполно автентично нѐ однесе во етничкиот предел Дурачка Река (историско-географска област од североисточниот дел на Македонија што ги опфаќа селата јужно од градот Крива Паланка), во деветнаесеттиот век, главно задржувајќи се на обредното заплетување на невестата.

„Овој обред на иницијација го претставува заплетувањето на ситните плетенки од двете страни на косата, во локалната терминологија познати како леси, со кои девојката преминува во социјалниот статус на невеста. Веќе следниот ден, со расплетување на овие плетенки, и со пресекување на нешто што во локалната терминологија се вика скалузи, таа преминува во редот на омажените жени“, објасни Петковски во своето обраќање пред проекција на филмот, образложувајќи го и изборот на медиумот за пренесување на ‘пораката’:

„Истражувањето и архивирањето, но особено презентацијата на традиционалната култура, претставува одговорен процес, зашто сегмент од минатото што се случил се истражува и потоа со аргументи и факти, без надворешни авторски влијанија, треба да биде пренесен во сегашноста. А како до тоа поинаку ако не преку филмувана реконструкција, која по хоризонтала и вертикала, визуелно и објективно, временски и просторно, ќе ве однесе во еден друг момент.“

А, дека се „повеќе од потребни вакви авторски дела во филмувана форма, конципирани со сите потребни фолклорно-традиционални и наративни елементи, сѐ со цел да се сочува македонската историска свест“, забележа во своето обраќање пред публиката во Порта Македонија, историчарката, едукаторка и музејска работничка, Ана Вишинова.

За крај на промоцијата, Бојан Петковски, кој во сите свои проекти настапува и како уметник со дар истите ги направи податливи и за широката публика, нѐ изненади со спектакл, перформанс во живо, во изведба на протагонистите од филмот (во најголем дел членови на Ансамбл Македонија); односно ни ја донесе ‘на дофат’, како што рече, „сета колективна меморија на деветнаесеттиот век“, преку автентични носии, танц, пеење, парче од обредот.

Проектот е поддржан од Министерството за култура, а еве го и филмот „Не плети лесо“ …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here