Филмот „Не гледај нагоре“ (Don’t Look Up) на режисерот и сценарист Адам МекКеј, кој светската (Нетфликс) премиера ја имаше на 24-ти месецов, покажува колку се ова неблагодарни времиња за да се биде научник, на пример (а како последица и граѓанин на светот); кога сѐ се мери со алгоритми, главно во однос на популарноста, односно сѐ се третира како производ за продажба, па дури и ако се работи за астрономско откритие кое го поставува прашањето на живот или смрт за сѐ живо на планетава.

Сѐ додека алгоритмите одлучуваат дека на масовните медиуми – традиционални, онлајн-социјални и какви и да се – нема сметка да се дига џева за некој проблем (благодарение на инпутот од нас самите), проблемот како да го нема. Дури и во диоптријата на оние кои се принудени од позиција на институционална, политичка моќ, да го прифатат постоењето на проблемот, во случајот со катаклизмички размер, најпрво се појавуваат калкулациите како истиот би можело да се искористи за зголемување на нивната политичко-економска моќ.

Режисерот Адам МекКеј со право тврди дека филмот го снимил „врз основа на навистина можни настани“. Зашто човек не мора да е многу паметен и информиран за да сфати дека кога светот би се соочил со ситуација како во „Не гледај нагоре“, ние би реагирале исто како во филмот (приказната на МекКеј е само драстична варијанта на еколошките катастрофи на кои се надоврза Ковид-пандемијата).

Но, да не должиме – филмот ќе го гледате или сте го гледале; туку за потцртување на пораката да пренесеме што вели Адам МекКеј објаснувајќи ги околностите во кои дошол до идејата за приказната.

Сценариото го напишал пред пандемијата, но од нејзиниот почеток – од справувањето на Доналд Трамп како претседател на САД со здравствената криза со „преземање на неопходната акција по патот на политичките цели“ – работите му станале уште понадреални од она што го имал предвид додека првпат го осмислувал сижето:

„Чекор по чекор стануваше сѐ побизарно, до точката кога морав да седнам и да сменам делови од сценариото, да го направам малку полудо, за да се совпаѓа со ситуацијата во светот. И навистина имаше моменти кога се прашував: ‘Дали тукушто увидовме дека ни се случува филм? Дали воопшто треба да го правам мојов филм?’, вели МекКеј, кој во „Не гледај нагоре“ реферира и на луѓето кои не веруваат дека коронавирусот воопшто постои, како и на профитерите од здравствената криза (ништо поразлични од воените профитери) помогнати од властите во земјите.

Првите се претставени како поддржувачи на кампањата што ја води претседателката на САД за негирање на постоењето на кометата што ќе удри во Земјата и целосно ќе го уништи животот; дури и во фазата кога големото астрономско тело станува видливо на небото, а кога кампањата го лансира слоганот „Не гледај нагоре“.

Кога веќе ја споменавме претседателката на САД (ја игра Мерил Стрип како дел од ѕвездената актерска екипа на филмот предводена од Леонардо ди Каприо, а тука се и Џенифер Лоренс, Кејт Бланшет, Тимоти Шаламе …) – за нејзиниот лик Адам МекКеј споил карактеристики на повеќе „лидери на слободниот свет“, односно први станари на Белата куќа:

„Сакав да ги има некои од актерските квалитети на празниот Роналд Реган и способностите што ги има еден продавач на коли, а ги имаше и Бил Клинтон. И ги сакав квалитетите на опасната недоволна квалификуваност на Џорџ ‘даблју’ Буш. Има малку и од обожувањето како ‘селебрити’ што беше карактеристично за Обама. И секако од заслепувачката нарцисоидност и ограничената способност за согледување кои го ‘красеа’ Трамп. Тоа е убавото нешто овде во САД, што имавме прилично потпросечни лидери.“

Говорејќи за уште една клучна категорија луѓе во филмот – технолошките могули (покрај масите, научниците, јавните/медиумските личности, политичарите), МекКеј изразува остар став против социјалните медиуми:

„Како и многумина и јас почнав да ги користам мислејќи дека е бенигно и забавно да се поврзеш со некои стари пријатели од средно школо. Но, набрзо почнав да сфаќам колку е сето тоа подмолно. Па, се отарасив од Фејсубк, Инстаграм, а на Твитер сум блиску до затворање на сметката. Никогаш не би имал сметка или што и да е во нешто кое е во сопственост на Марк Закерберг. Количеството на штета што го прави тој и неговите компании е огромно.“

Надоврзувајќи се во контекстот на ликот во филмот кој ги претставува горе споменатите профитери, а кој е технолошки могул од видот на Закерберг, Џеф Безос или Илон Маск, режисерот Адам МекКеј вели: „Не знам дали треба да ги сметам ваквите луѓе за генијалци. Закерберг почна со ‘дали е згодна или не?’ сајт на Харвард. Да, тие се паметни луѓе. Но, вие овде не гледате откритија какви што се случуваат во историјата на физиката. ‘Тесла’ е добар автомобил … Мајкрософт Ворд? Не мислам дека ова заслужува овации.“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here