Експлозијата на цените на NFT-ата (незаменливите токени – non-fungible tokens) го одбележа пазарот за уметност годинава, што се виде и од годишните извештаи на големите аукциски куќи, кои (особено гледајќи во перспектива) ги нагласија своите успеси во овој сегмент, иако истиот (сѐ уште) има скромен удел во однос на вкупните суми од продажбите.

Во кој, ако се мери според нагласокот на уметноста, наместо на технологијата, неприкосновен лидер е Beeple, чии дела ги заземаат првите три места на листата најскапо продадени NFT-а досега.

Зборуваме за индивидуални NFT-а, кои имаат индивидуални купувачи. Што значи не ја земаме предвид серијата CryptoPunks претставена уште во 2017-та од софтверската компанија Larva Labs, која содржи 10.000 илјади парчиња (пикселасти аватари), од кои едно си купи и американската компанија за финансиски услуги Visa, за 150.000 долари (неколку од ‘панкерите’ од оваа колекција инспирирана од лондонската панк сцена, сајберпанкот и дуото Daft Punk, се продадоа и за милионски доларски суми). Во слична смисла не го сметаме за конкуренција на Beeple ниту анонимниот дигитален креатор Pak, кој месецов постави рекорд за најскапо продадено дело на жив уметник со NFT-то „Merge“, кое се продаде за 91,8 милиони долари, но неговата сопственост ја споделуваат 30-тина илјади колекционери.

Оттука, за сумирање на годинава во однос на NFT уметноста, ги претставуваме трите најскапо продадени дела досега и сите три се на Beeple.

На првото место е добро познатото NFT, „Everydays : The First 5000 Days“, продадено во март на наддавање кое почнало на само 100 долари (очигледно од „Кристис“ ги имале предвид своите традиционални, финансиски потентни муштерии, кои тогаш за NFT не би дале ни ‘пет пари’; иако Beeple, што е професионалното име на Мајк Винкелман, веќе беше ѕвезда на криптоуметноста). Делото е колаж од секој цртеж што Beeple го направил во тек на проектот долг 5000 дена, а почнат на 1-ви мај 2007-ма. Во аукциското наддавање за помалку од саат се стигнало до милион долари, а конечната сума, 69,3 милиони долари, го смести уметникот со диплома на информатичар при врвот на листата уметници со најскапо продадени дела додека уште биле живи.

Everydays : The First 5000 Days
Everydays : The First 5000 Days (детал)

Второто најскапо продадено дело на Beeple е видео скулптурата „HUMAN ONE“, која во ноември се продаде за 29 милиони долари, а вклучува алуминиумски монолит со четири екрани на него; и секако, соодветно NFT. И двете компоненти се динамични, во смисла дека уметникот го задржал правото да ги менува далечински – кога сака и од кај сака сѐ дури има пристап до интернет. Скулптурата сепак ја знаеме по видеото што се гледаше на нејзините екрани во тек на продажбата во ноември: астронаутот кој не престанува да оди додека крај него се менуваат ненаселени пејзажи.

HUMAN ONE

На трето место е делото „Crossroad“, настанато во 2020-та, во тек на претседателските избори во САД, чија конечна верзија зависела од тоа дали ќе победи Џо Бајден или ќе остане Доналд Трамп. Имено, купувачот на ова NFT (кој во предизборната фаза го платил само 66,666 долари) не го знаел конечниот изглед на делото додека не бил објавен резултатот од изборите, зашто пред тоа во себе содржело две варијанти – слика соодветна ако победи Бајден и слика за ако остане Трамп. Дури кога првиот беше прогласен за победник на изборите, делото се ‘заклучило’ на едната од двете можни слики: ‘надојденото’ тело на Трамп кое ишарано со графити лежи на трева покрај пешачка патека, игнорирано од минувачите. „Crossroad“ во февруари се продаде 100 пати поскапо од првиот пат, за 6,6 милиони долари.

Crossroad

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here