Дека прогнозите за пазарот на уметност во пандемијава се покажуваат како празни гатања се виде и од годинава на изминување – на крајот на 2020-та никој не можеше да го претпостави бумот на NFT-ата, особено во однос на нивните цени во оваа 2021-ва: во март пазарот го шокираа 69,3 милиони долари платени за сега веќе славното NFT на Beeple (самата аукциска куќа што го продаде, наддавањето го стартувала на одвај 100 долари), а месецов Pak го постави рекордот за најскапо продадено дело на жив уметник со NFT-то „Merge“, кое отиде за 91,8 милиони.

Но, доволно ли се овие (едниот супер тазе) податоци за да може да се прогнозира што ќе се случува веќе од задутре, во новата година?

Барем во прво време NFT пазарот би требало да цвета, па да продолжи така, но, по можеби потрнлив пат; а дали ќе му потрае модата зависи од кредибилноста што допрва треба да ја стекнат повеќето негови играчи/уметници.

Ова може да се заклучи врз база на различни прогнозерски изјави на упатени во проблематиката што ги прочитавме деновиве.

Извршниот директор на „Кристис“, Гијом Черути (во неговата аукциска куќа се случи историскиот NFT момент: неверојатните 69,3 милиони долари за NFT-то на Beeple), предвидува „натамошно и подлабоко вкрстување меѓу NFT заедницата и традиционалниот свет на уметноста, со последица ширење и диверзификација на пазарот.“

Се сложува и глобалниот директор на саемот за уметност Art Basel, Марк Спиглер, кој смета дека „NFT просторот ќе стане поинтересен – повеќе гледано од концептуална перспектива отколку од естетска. Не судете за книгата според насловната страница“, вели тој, очигледно имајќи предвид дека во голем број на NFT случаи повеќе се работи за креативно користење на можностите на блокчеин технологијата – односно, ако веќе таквите NFT-а ги третираме како уметност, за обиди за ‘естетизирање’ на технолошкиот процес.

Типичен пример е најскапото дело продадено од жив уметник, што е „Merge“ на Pak, каде е клучен механизмот, односно можноста купувачот да ја зголеми ‘масата’ на своето NFT, со купување нов токен (ново NFT) од проектот „Merge“, кој автоматски ќе се спои со првиот (при што еден од овие два токени, исто така, автоматски ќе се уништи), а ќе остане еден токен со поголема маса, односно поголема визуелизација. Овој проект се продаде за 91,8 милиони долари, колку што вкупно дале 30-тина илјади колекционери на „Merge“ NFT-а.

Во оваа смисла Јуки Терасе, од компанијата што нуди консалтинг услуги за пазарот на уметност, Art Intelligence Global, смета дека NFT-ата „ќе го револуционизираат начинот на кој купуваме, искусуваме и споделуваме уметност, а овој нов екосистем во голема мера ќе го обликуваат и движат новите играчи на пазарот – силно предводени од младите азиски колекционери.“

Додека еден од водечките адвокати специјализирани за застапување на уметници, Џон Шарплс, смета дека NFT пазарот треба да (и ќе) созрева со „валидацијата на уметниците кои преминуваат од ‘традиционалниот’ свет на уметноста во NFT просторот“, за што извесни гаранции дава лансирањето на сѐ повеќе платформи зад кои стојат реномирани играчи од традиционалниот пазар.

Од NFT проектот на Дејмиен Хрст „The Currency”

Секако, треба да се почека да се види како на сето ќе влијаат потезите што ќе ги повлечат регулаторите кои доцнат зад иновативноста на блокчеин технологијата, а бараат поголема контрола во делот на крипотовалутите (што ги сметаат за „Див Запад“ на финансискиот сектор) и NFT-ата.

Останува фактот дека на пазарот за уметност покрај верници кои ‘се крстат’ во NFT-ата и блокчеин технологијата има и многу шпекуланти, но и такви кои со многу кеш чекаат да видат што ќе се случува. Не треба човек да е познавач за да знае дека за лудилото по NFT-а во најголема мера придонесуваат шпекуланти кои се далеку од блокчеин верници, а сакаат само брзи пари и ги искористуваат оние што го сакаат истото. Но, зарем ова не важи и за драстичниот раст на цените забележан во 2021-ва за дела на помлади уметници изработени во ‘традиционални’ медиуми, за кои аукциските куќи и моќните галерии направија помама, а ништо повеќе отколку во случајот на NFT-ата не се знае дали ‘навистина’ вредат милиони долари (колку што навистина може да се утврди), односно дали ќе го положат тестот на времето.

Говорејќи за ова, како и за NFT лудилото, галерист цитиран во медиуми, но кој сакал да остане анонимен, вели дека не гледа зошто оваа игра на пазарот (во која се изгубени, односно крајно скептични традиционалните посматрачи и колекционери) би требало да престане:

„Премногу е возбудливо! Тоа е како зависност, како коцкање, и тука дефинитивно работите се ‘фризираат’, нема друг збор за тоа. Постојат одредени уметници кои сосем се вклопуваат тука – нивните дела само треба да изгледаат добро на мобилен телефон, а ова многу помалку се склучува кај скулптурата, на пример. За жал, ова ќе остави многу тажни трагови од кратки кариери.“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here