Кога во 1983-та година Дејвид Боуви им позирал на уметниците од лондонски „Мадам Тисо“ за потребите на првата восочна фигура со негов лик во музејот, бил прилично проактивно вклучен во креацијата, иако моментот (јуни, 1983-та) се совпаднал со екот на „Let’s Dance“ ерата (албумот е издаден на 14-ти април истата година).

Очекувано (во однос на проактивноста), имајќи ја предвид пионерската, во контекст на еден музичар, посветеност на визуелното, овековечена и со ‘синтагмата’ од насловот на неговиот албум од 1977-ма, „Sound and Vision“ (тука ќе се сетиме и на некои од неговите инкарнации, Ziggy Stardust, Aladdin Sane, Major Tom …, сите ‘оживеани’ во сопствени естетски светови благодарение на костими, шминка, цртежи … ‘излачени’ од визијата на Боуви).

Музичарот во тој јуни 1983-та поминал часови со уметниците на музејот, истрпувајќи стотици мерења, одредувања на бојата на косата и кожата, за да се обезбеди максимална точност, дури и во поглед на неговата анизокорија (различна големина на зениците).

Благодарение на овие податоци што се чуваат во архивата на лондонски „Мадам Тисо“, овој музеј во саботата (8-ми јануари 2022-ра), на 75-тиот роденден на Дејвид Боуви, објави дека понатаму годинава големиот музичар ќе добие и своја втора, веродостојна на неговиот лик, восочна фигура, што ќе биде поставена во новата музичка зона на музејот (оваа колекција ќе биде отворена во март).

Истовремено од „Мадам Тисо“ објавија досега невидени фотографии од ‘позирањето’ на Боуви за неговата прва восочна фигура од 1983-та, од кои дел пренесуваме во продолжение …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here