Децении се поминати од создавањето на шеметните геометриски апстрактни дела на пионерот на оп-артот, Виктор Вазарели, но, се чини, истите добиваат нова важност во оваа ера на дигитална уметност и NFT-а (ако ги доживееме како антиципиран образец или прототип на уметноста која се создава со компјутер).

Токму ова сака да го потцрта изложбата што се одржува во една од најголемите стоковни куќи во Лондон, Selfridges; на која може да се видат вкупно 55 дела (платна, керамика, таписерии …) на Вазарели.

Настанот не случајно се одржува во стоковна куќа, зашто целта е и да се соберат средства за реставрација и одржување на монументалните дела од музејот на Фондацијата Вазарели во Екс ан Прованс, Франција.

Така, во Лондон, покрај некои од физичките, изложени дела, може да се купат и тематски NFT-a – тазе креирана серија од лондонската NFT платформа Substance (се работи за 12 NFT-а кои ќе бидат понудени во две серии / во два наврати – на 16-ти февруари, односно на 12-ти март – и покрај во лондонската стоковна куќа ќе може да се набават и онлјан на платформата на Substance – цените сѐ уште не се објавени)

Повеќеслојното креативно партнерство остварено за изложбата ја вклучува и модната куќа Пако Рабан (Paco Rabanne), чија нова пролет/лето колекција за 2022-ра е инспирирана од уметноста на Вазарели.

Од колекцијата пролет/лето 2022 на Paco Rabanne

„Тој (Вазарели) сакаше да ја промовира уметноста преку архитектурата, урбанизмот, музиката, модата, токму на начинот на кој ние денес размислуваме во оваа смисла. Тој сакаше да ја донесе уметноста во градот, на улиците, за секого“, е изјава по поводот на Пјер Вазарели, претседателот на Фондацијата Вазарели.

Како внук на Виктор Вазарели, тој додава дека неговиот дедо ги креирал своите геометриски дизајни рачно, пред да се појават компјутерите, што „било револуционерно, како NFT трендот денес“.

Okta Cor, 1973
Bleu n° IIIV

Родениот во Печ, Унгарија, во 1906-та, Виктор Вазарели прво студирал медицина пред да се оддаде на уметност. Во Париз се преселил во 1930-та и по експериментирањето со надреализмот и апстрактниот експресионизам, во 40-тите од минатиот век го развил изразот по кој е препознатлив. Почина во 1997-ма.

„Оваа изложба во Selfridges, организирана во чекор со најновата технологија, ја правиме за да покажеме колку неговите дела се современи и денес. Можеме да замислиме што би правел Вазарели да имал пристап до компјутер во тоа време“, порачува Пјер Вазарели.

А, „откријте го минатото, сегашното и идното влијание на оп-арт уметникот Виктор Вазарели, заедно со колекциите на неговиот современик и визионер, Пако Рабан“, порачуваат од Selfridges, додека нудат и цел куп производи инспирирани од творештвото на Вазарели.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here