Заветната порака на големиот Блаже Конески која времињата бараат пак и пак воодушевено да се цитира – „Јазикот е нашата татковина“, е добро примена, разбрана и спроведена од дипломираните македонистки, Моника Матовска и Моника Петрушевска. Кои сите свои заложби за македонскиот јазик – за продолжување на нашата „долга јазикотворечка традиција“ (одново Конески), од пред неколку месеци ги сосредоточуваат во „Храмина“, блогот за литература, во чија суштина е негувањето на убавиот пишан македонски збор. Следи интервју со тимот на „Храмина“ …


Кога го замислувавте Храмина – блогот посветен на литературата, секако сте ја имале предвид ситуацијата со читачката култура кај нас. И сте заклучиле дека вакви проекти се и тоа како потребни, но оти морате да бидете спремни да работите и само на сопствен, чисто ентузијастички погон?

Нашите согледувања за читачката култура во Македонија и, во целост, за состојбата на македонскиот јазик, започнуваат во факултетските денови. Не можеме да избегаме од вистината дека сите сме му вечни должници на мајчиниот јазик, но од македонистите секогаш се очекува (и треба да биде така!) да придонесат стручно и научно за секој сегмент од јазикот којшто всушност е нивен главен предмет на истражување. Сите наши заложби за македонскиот јазик се сосредоточени во Храмина. Ја создадовме за да покриеме дел од јазикот којшто досега никој го немаше опфатено во ваква форма. Токму оттука произлезе сознанието дека досега на социјалните мрежи не постои профил/медиум којшто го насочува својот интерес кон промовирање на македонскиот јазик и македонската и светската книжевност и тоа во време кога речиси секој од нас поминува голем дел од своето слободно време на интернет. Со содржината којашто ја пласираме во јавноста, не само што сакаме да го доближиме, туку сакаме во императив да го ставиме градењето на свеста за посебноста на македонскиот јазик.

Во кој момент си рековте: исполнети се условите – почнуваме со реализација на Храмина? Колкумина се вклучени во проектот? Од колкумина добивте охрабрувања да почнете?

Во моментот кога сфативме дека имаме содржини коишто треба да бидат слушнати, Храмина се роди на социјалните мрежи, конкретно на следниве платформи: веб-страницата, Инстаграм, Фејсбук и Твитер. Стремејќи се кон квалитет и поткрепени информации, мораме да признаеме дека подготовките траеја повеќе од шест месеци сè со цел да го извлечеме максимумот од тоа што сакаме да го понудиме. Сè што гледате на Храмина е произлезено од нас две, освен логото и графичкиот дел на објавите коишто ѝ беа препуштени на Маја Атанасоска, креаторка на Перкалус – првиот бесплатен блог за графички дизајн на македонски јазик. Навистина ни значи поддршката од луѓето коишто секојдневно ни пишуваат, но и поддршката од наши колеги и стручни лица чијашто дејност е поврзана на каков било начин со тоа што ние го правиме.

Какви ви се плановите и очекувањата?

Почнуваме скромно, но со визија Храмина да го даде својот удел во поддршка и промоција на книжевните умови коишто ги има Македонија. Тоа значи дека целиме кон тоа Храмина да стане дел од книжевната сцена. Нашите идни планови се да продолжиме со отворање нови теми и прикажување на аспектите на јазикот и книжевноста за коишто ретко се зборува. Ќе продолжиме да бидеме потсетник за сите важни датуми за македонскиот јазик и Македонија. Македонистите имаат многу значајна улога во општеството, би рекле, двојна: како истражувачи и како едукатори. Наша задача е да го следиме развојното темпо во секоја сфера на живеењето, да ги детектираме недостатоците и постојано да изнаоѓаме алатки и начини со чија помош македонскиот јазик ќе ги почувствува заложбите коишто неговите говорители ги прават. Во тоа име, во текот на оваа година, би сакале да ја реализираме идејата за прикажување на македонскиот јазик во формат досега незастапен кај нас. Тоа за нас е голем предизвик, но и подвиг и за тоа е потребно многу труд и време. Покрај ова, во многу скоро време ќе го имаме завршен нашиот прв производ во навистина интересен облик.

Кога при свест за врската меѓу состојбата на општеството и културата што истото ја консумира, би можеле да одлучувате од позиција на некое највисоко државно ниво, што мислите дека би можело да се направи за да се смени ситуацијата на подобро?

Подобрувањето би можело да се направи на повеќе рамништа. Да започнеме со потребата од дигитализација на исцрпените изданија на книги кои секој треба да ги прочита. Токму на таков начин се заокружи годината на Конески – дигитализација на неговото творештво, потег на МАНУ кој е за секоја пофалба. Потоа, од големо значење за јазикот би било доколку се контролира преводот на книгите и филмовите. Со големи букви: МЕДИУМСКИОТ ПРОСТОР, телевизиски, радиски, печатен, портален. Сите новости луѓето секојдневно ги дознаваат преку медиумите што значи дека медиумите се нивниот најблизок извор на стандардниот јазик. За жал, за овој сегмент не постои институција којашто може да врши контрола и навремено да реагира. Секоја чест за тие коишто имаат свои лектори коишто се грижат македонскиот стандарден јазик да биде „исчистен“ од сето тоа што тој самиот во својот систем не го препознава.

Омилени писатели ви се …

И двете им даваме предност на македонските автори и сметаме дека треба да бидат максимално поддржани. Тоа се поткрепува и со фактот дека првите книжевни осврти на Храмина се за книги од домашни автори. Со посебен жар ја читаме литературата од автори коишто се основоположници на македонскиот литературен јазик, значи литературата создавана пред три-четири децении. Би можеле да издвоиме неколку имиња на автори чие творештво е веќе докажано и на автори чие творештво допрва ќе се вреднува: Венко Андоновски, Румена Бужаровска, Оливера Ќорвезироска, Николина Андова-Шопова, Гоце Смилевски, Владимир Мартиновски, Винка Саздова.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here