Чарли Брукер, еден од најплодните креативци на денешницата (не толку според квантитетот, колку според квалитетот на ‘плодовите’ „по кои го познаваме“) е најпознат (и ‘обележан’) како креатор на серијата „Црно огледало“ (Black Mirror). Неговата (и на копродуцентката на „Black Mirror“, Анабел Џонс) продукциска компанија (Broke & Bones) неодамна ја купи Netflix за вртоглави околу 100 милиони долари (според шпекулациите).

Брукер, кој тврди дека не е многу освестен околу деловните аспекти на ваквите ‘дилови’, вели оти на големите пари гледа „повеќе како на инвестиција за да може да работи“; а за да го потенцира второстепеното значење на сумата што на крајот ќе заврши во неговиот џеб, додава дека „ако се погледне во папирологијата (на договорот со Netflix), можеби ќе биде исплатен во ориз“.

Како и да е, првиот проект на Чарли Брукер после ова 100-милионско ‘омрсување’ е „Мачка ‘провалник’“ (Cat Burglar) – интерактивен анимиран филм кој од вчера можете да го погледнете и да го ‘корежирате’ на Netflix (ова му е второ остварување од ваков вид – првиот излет во интерактивноста Брукер успешно го направи со „Black Mirror: Bandersnatch“, 2018).

„Cat Burglar“, ако тесно сте го стереотипизирале Чарли Брукер, нема да ви биде она што го очекувате од него.

Филмот естетски во голема мера е омаж на аниматорите од златната ера на анимацијата (како Чак Џонс), а Брукер го опишува и како експеримент што треба да го испита интересот на публиката за вакви содржини:

„Не само визуелното и звучното во филмот се екстремно евокативни, исклучително верни на времето, туку и визуелните гегови, темпото и анархијата се присутни и денес (…) Дејството всушност не се потпира на дијалог.“

Приказната е за мачка која се обидува да ‘провали’ во музеј за да украде бесценето уметничко дело, додека ‘гроги’ куче чувар се обидува да ја спречи.

Интерактивниот момент доаѓа на секои неколку минути во форма на прашања на кои треба брзо да се одговори со клик на маусот или на далечинското. Од точноста на одговорите зависи натамошниот развој на дејствието.

Од „Cat Burglar“

„Скоро како на квиз машина во некој паб“, вели Чарли Брукер, во продолжение откривајќи и овде типичен за него субверзивен елемент:

„Ја контролирате среќата на ликот, а не одлуките што ги носи, ако тоа има некоја смисла.“

Од ова некој би можел да извлече заклучок за една песимистичка, дистописка, егзистенцијалистичка, нихилистичка … (наречете ја како сакате) логика, според која е бесмислено да се носат одлуки што нема да сменат ништо во однос на крајната смисла; а за моменталната утеха, волјата да се преживее, одлучува среќата:

„(Во Америка) мислат дека сум крал на дистопијата. Но, и натаму, во мојата глава, сето тоа се сведува на истото: комедијата, хоророт и научната фантастика се толку блиски.“

Во неговата супер успешна серија „Црно огледало“, Чарли Брукер се служи со сите овие жанрови за да изложи ‘футурологија’ која почнува од ‘фантастични’, ‘незамисливи’ ситуации (премиер кој сексуално општи со свиња во живо на ТВ, на пример), од кои доследно извлекува екстремни консеквенци применливи на реалниот живот:

„Не е ништо посебно што ги предвидов работите кои се случија. Заплетите во „Црно огледало“ беа екстраполации на она што веќе се случуваше.“

Кога веќе споменавме пример со политичар во „Black Mirror“, ставот за шегата на Чарли Брукер е дека таа е прекрасно нешто, но треба да остане на екраните или на печатените страници, без да се сели во политиката; каде што, за жал, главно е преселена, и тоа онаа што „ѓаволот ја однел“ … „ѓаволот што носи ‘Прада’“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here