Пишува Александра Ристески

Дел 2

Викторијанска Англија (1837 – 1901, период на владеење на кралицата Викторија)

Главна цел на жените во оваа ера било да се омажат и да учествуваат во бизнисите и останатите интереси на своите сопрузи. Не им било дозволено да се образуваат или да стекнуваат знаење надвор од домот. Овој временски период се одликувал со убави жени: посакувани биле дебеличките, добро градените, со големи гради и тенок струк.

Во гардеробата … , ах, ерата на корсетот. Ги закопчувале половините со исклучително тесна долна облека за да ја добијат посакуваната фигура на песочен часовник. Здолништата биле со широк, слоевит волумен, кринолини, рамки за здолништа со обрачи и тешки ткаенини.

И, вториот најизразен момент во модата биле – женските шапки. На цена биле екстремно накитените, екстравагантни, суперкреативни, од скапи материјали (како свилени цветови и егзотични облици) шапки, кои потсетувале на ној или паун.

Во викторијанската ера биле популарни прекумерните стилови, спротивно на темпераментот и карактерот на жената, која се очекувало да биде: кревка, невина, скромна, учтива, послушна, покорна, и на која ѝ било забрането да одлучува за било што друго освен за менито и нејзината вечерна облека.

Подоцна, поради непрактичноста и негативното влијание врз здравјето на жената, корсетот постепено бил исфрлен од употреба, а почнало поедноставувањето и на шапките и другите делови од облеката.


Дваесетти години (1920-ти)

Биле период на модернизација и еманципација на жената: која добила право на глас, почнала да се откажува од улогата на домаќинка, односно да оди на работа. Согласно се менувал и изгледот на идеалната жена: рамен граден кош, намален појас, момчешка фигура, кратка Боб фризура (оставајќи го зад себе долгогодишното верување дека долгата коса означува убавина и женственост).

Убавиците во дваесеттите години тежнееле кон андрогин изглед: носеле градници што им ги сплескувале градите и облека што им давала изглед без облини, потпирајќи се на едноставноста и практичноста; но, истовремено изразувале слобода покажувајќи повеќе кожа.


Златното доба на Холивуд (1930-ти – 1950-ти)

Било ера на романтизирана женственост како контрастен одговор на силната работна жена од последните воени години: облини, фигури на песочен часовник, големи гради, тенок струк.

Класичен пример за ова идеално женско тело е Мерилин Монро. Во облеката преовладувале трендовите на неутрална основа, збогатена со силни кармини и скапоцен накит; потоа деловниот изглед со пенсил сукњи и најчесто твид костими во стилот на Коко Шанел; како и тоалети во златна, сребрена, црвена, црна и вечната бела боја, кои асоцирале на богатство, односно карактеристичниот за овој период – гламур.


Шеесетти (1960-ти)

Ерата на славење на мирот, децата на цвеќето, психоделиците и слободната љубов. Оваа супкултура се појавила во САД од каде се проширила во другите земји пред да се намали нејзиното влијание во средината на 1970-тите. За идеал во женската убавина се сметала вретенестата, атлетска фигура, со долги нозе; полните усни и светлата „станата од спиење“ долга коса, со задолжителните шишки. Во шминката актуелни биле драматичните сенки за очи со ладни тонови како сини, сиви, зелени и бели, силно изразените густи трепки со неколку слоеви маскара и мачкини очи врамени со течен туш. Модата била биполарна на речиси секој начин. Светли, упадливи бои, психоделични кошули и фустани, неверојатно кратки здолништа, чевли на платформа.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here