Ако во раните седумдесетти од минатиот век, кога германскиот автор Рајнер Вернер Фасбиндер го напишал текстот за „Горчливите солзи на Петра фон Кант“, извесно значење имал и ‘формалниот’ аспект на претставата – хомосексуалната, женска љубов; тоа денес, дури и кај нас, не е тема околу која општеството би се жестело (во најмала рака не го скандализира), што на новите поставувања на ова драмско дело им остава чист терен за занимавање со неговата темелна вредност; која во меѓувреме не само што не загубила, туку добила на актуелност.

Режисерот Ивица Димитријевиќ, чие видување на Фасбиндеровиот текст вчеравечер беше премиерно прикажано во Македонскиот народен театар, дефинитивно одиграл на оваа карта.

Темата на „Горчливите солзи на Петра фон Кант“ е љубовта: како оваа насушна човечка потреба стигнува до сите свои антиподи кога задоволувањето се бара со игнорирање на неопходната појдовна позиција (на љубовта) – слободата: слободното истовремено и наизменично предавање (на личноста која љуби) и освојување (на другата, љубената личност).

На малата сцена во МНТ вчеравечер видовме како Петра фон Кант (Драгана Костадиновска) за љубовта зборува/филозофира како што треба, но всушност мисли, односно дејствува како сето тоа да е апстракција, нешто идеално, неостварливо. Нагонот ѝ е со успешната деловна формула (Петра е позната модна креаторка) да инкасира и на љубовен план – не само во однос на ‘возрасната’ љубов, туку и во љубовта кон сопственото дете: големото креаторско име, со сета своја додадена вредност на љубовниот пазар, ваљда може многу да купи.

Но, во „Горчливите солзи на Петра фон Кант“, хероината, понесена од супериорноста на својата куповна моќ, како да заборава дека и другите се трговци и оти не може да очекува да го купи бесценетото, за кое секоја цена е ‘ситниш’.

Вклучително (трговка е) и Карин (Сара Анастасовска) која е објектот на љубовта на Петра фон Кант. На почетокот скромната и наивна девојка своите младост и убавина ги продава евтино, но набрзо нејзината роба станува пошироко видлива и барана; па ѝ расте цената; дотолку што Петра веќе не може да ја плати.

Оваа напнатост на турбуленциите од наглите подеми и падови на акциите на љубовната берза, Димитриевиќ ги нагласил така што меѓу чиновите на приказната не ја ‘спушта завесата’, туку ‘паузите’ ги полни со ропските акции на Марлен (Софиа Насевска -Трифуновска), асистентката – слугинка на Петра фон Кант, кои се извесна екстраполација на ‘кармата’ – на она што ќе следи во односот на креаторката со нејзината „љубов“, Карин.

Дејствието на претставата е сместено во еден единствен амбиент (спалната соба на Петра, која е нејзиниот пекол, иако проектирана како рај) каде централно место има креветот – местото за размена на интимности, во свет на крајна дистанцираност меѓу лицемерните ликови.

Во екипата на претставата покрај режисерот Ивица Димтријевиќ се и костимографката Ирина Тошева, консултант за сценографија е Кристина Божурска, а музиката е на Јане Трајковски. Целосно женската актерска екипа, покрај споменатите ја дополнуваат Тања Кочовска (Валери фон Кант), Сашка Димитровска (Сидони) и многу пријатното изненадување, Анастасија Аневска, која ја игра ќерката на Петра фон Кант, Габи.

„Горчливите солзи на Петра фон Кант“ е копродукциски проект на МНТ и МИ Филм, а следните изведби се закажани за 4-ти и 22-ри март.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here